Што ја прави човечката интелигенција толку уникатна?
Што е она што ја одделува човечката интелигенција од онаа на другите животни? Според едно ново истражување одговорот не е бидејќи имаме повеќе неврони, туку начинот на кој нашите неврони работат.
„Кај човечките неврони има поголема електрична разделеност и тоа им овозможува на овие единици да бидат понезависни, потенцијално водејќи до зголемување на способностите за пресметување на еден неврон“, изјавил Марк Харнет, еден од авторите на студијата и асистент професор на Институтот за технологија во Масачусетс.
Сè се сведува на нешта наречени дендрити – структурата што се разгранува од невронот и што е одговорна за разнесување информации (во форма на електрични сигнали) од една клетка до друга. Тие се како органски транзистори за компјутер. Големите мрежи од неврони постојано комуницираат едни со други, а токму тоа ги контролира нашите мисли и однесување. Но како што електричните сигнали се движат низ дендритите и се оддалечуваат од клеточното тело, тие слабеат.
За да се открие какво влијание има должината на дендритите на нивните електрични својства, истражувачите ја споредувале електричната активност кај луѓе и стаорци.
Дендритите на луѓето се многу подолги од оние на стаорците бидејќи човечкиот кортекс е многу погуст. Додека кортексот претставува 30% од волуменот на мозокот кај стаорците, тој зафаќа дури 75% од волуменот на човечкиот мозок. Покрај оваа многу значајна структурна разлика, целокупната организација на мозокот е неверојатно слична – со шест слоја неврони. Невроните во петтиот слој содржат дендрити што можат да се протегаат до првиот.
Научниците набљудувале како електричните сигнали патуваат низ дендритите (биле ставени во раствор за да се одржат во живот два дена). Бидејќи човечките дендрити треба да бидат подолги за да стигнат од петтиот до првиот слој, тимот открил дека пренесуваат послаб сигнал за разлика од дендритите на стаорците.
Тие исто така нашле разлика помеѓу густината на јонските канали што го контролираат дотокот помеѓу човечките и примероците од стаорци. Додека бројот на јонски канали останал ист, густината била помала кај човечките примероци, а со ова веројатно можат да се објаснат некои од разликите во електричната активност.
Сега научниците се обидуваат да откријат каков ефект имаат разликите во електричната активност врз човечката интелигенција. Сепак, Харнет се сомнева дека ќе им дозволат на индивидуални неврони да изведуваат посложени пресметки бидејќи тоа може да има влијание на сигналите што доаѓаат.
Дали знаете како високата интелигенција влијае на вашата среќа?