Што би добиле со купувањето на најскапиот билет на бродот Титаник?
Дури и да го избегнал ледениот брег пред 104 години, Титаник сѐ уште би се помнел како најлуксузниот брод на сите времиња. За неговата изградба и уредување во 1912-тата година биле потребни 7,5 милиони долари што е еквивалент на 180 милиони долари денес. Додека акомодацијата и сместувањето од втора и трета класа на Титаник биле далеку подобри од сместувањето на другите бродови, сепак главната награда ги добива привилегиите од првата класа. Во тој контекст, што би можеле да добиете со купувањето на најскапиот билет на Титаник?
За да го пронајдете одговорот, потребно е да го разгледате случајот на 58-годишната Шарлот Дрејк Кардеза од Филаделфија. Иако не била на листата на најбогатите патници како што биле милионерите Џејкоб Астор IV или Бенџамин Гугенхајм, Кардеза била патрон за уметностите, сопственичка на поголем број јахти и ловџија на крупен дивеч. Семејното богатство дошло од нејзиниот татко, богат сопственик на продавница за производство на текстил. Се смета дека Кардеза го купила најскапиот билет на бродот по цена од 2.560 долари во 1912-тата година, или 61.000 долари денес.
Таа се качила на бродот заедно со нејзиниот 36-годишен син, Томас, нејзината слугинка и неговиот камариер и сите заедно понеле 14 сандаци, 4 куфери и 3 помали сандаци. Тие биле сместени во трисобен апартман со 2 спални соби и една дневна соба како и 2 дополнителни соби за облеката и бања. Нивните слуги биле сместени во придружните кабини во близина. Овој апартман бил еден од најлуксузните на бродот и единствениот друг апартман како нивниот бил резервиран за финансиерот Џ.П. Морган кој бил сопственик на компанијата која го поседувала Титаник и кој се откажал од патувањето во последниот момент.
Не само што ги избегнувале пониските класи, семејството Кардеза немало време ниту да се социјализира со останатите плутократи и буржоазија. Тие имале 15-метарска приватна палуба каде што можеле да уживаат над отворено небо на раат. За време на оброците, тие избирале каде ќе јадат, а можеле да се одлучат и за приватниот а-ла-карт ресторан кој се доплаќал дополнително. Од оние менија кои успеале да се „спасат“ од несреќата, се забележало дека сите присутни богаташи јаделе по 10 порции кои вклучувале морска храна, пилешко, јагнешко, телешко и слични видови меса.
По вечерата, Томас можел да се повлече во една соба за пушење која била наменета само за мажи, а Шарлота во првокласната соба за рекреација декорирана како Версајскиот дворец, каде се играле карти и се разговарало. Исто така, можеле да го посетат базенот со солена вода, турската бања, теренот за сквош или салата за вежбање која била опремена со најмодерните машини за вежбање од тој период, како електричниот коњ и електричната камила.
Независно дали нивното богатство имало некаков удел во спасувањето на луѓето на денот на несреќата, на семејството Кардеза и нивните слуги им било обезбедено место во малиот број спасувачки чамци, за разлика од преостанатите 1.500 луѓе кои или биле заглавени или пливале во студените води и добиле хипотермија. Месеци по несреќата, Шарлота ги тужела сопствениците на Титаник за изгубените фустани, накит, крзно и други предмети кои биле опишани на 16 страници што е сведоштво и тестамент не само за нејзината моќ и богатство туку служи и како едно неверојатно сеќавање.
На листата биле запишани и изгубени 5.500 долари или 132.000 долари во денешна вредност. Но, тоа е само ситно во споредба со нејзиното целосно богатство кое го понела со себе што изнесувало 177.000 долари или 4.2 милиони долари во денешна вредност. За разлика од многуте други посиромашни патници и членови на екипажот, семејството Кардеза не било ниту повредено, ниту значително осиромашено од катастрофата. Тие продолжиле да живеат во стилот на кој биле претходно навикнати сѐ до нивната смрт, 1939-тата за Шарлота и 1952-та за нејзиниот син, Томас.