Романтични пингвини се држат за раце
Надвор можеби е студено, но оваа снежна фотографија со заљубени пингвини е доволна да ги стопи дури и најстудените срца. Овој перфектен пар уживал во романтичните мигови и се надевал на малку приватност, а десетина други пингвини биле собрани во група во нивна близина. Всушност, кога еден натрапник им се приближил на заљубените пингвини кои се држеле за раце како да се луѓе, тие воопшто не му обрнале внимание, па тој морал да продолжи да си пешачи.
Овие нежни пингвини се наоѓаат во Порт Локрој на Антарктичкиот полуостров, а фотографијата е направена од професионалниот четириесет и едногодишен романски фотограф Silviu Ghetie.
Партнерите најпрвин стоеле држејќи се за рака и изгледале како да зјапаат во драматичниот снежен пејзаж. Нивните глави биле благо наклонети една спрема друга и делувале како да можат да ја почувствуваат моќта на љубовта. Потоа, сè уште држејќи се за раце, чекореле по смрзнатите води и си застанале крај нивните другари.
Овој фотограф обично прави фотографии само од луѓе, но во овој случај, не можел да му одолее на искушението да го чкрапне магичниот љубовен момент на пингвините, додека бил на неговата поларна експедиција.
„Првенствено почнав да правам фотографии бидејќи бев вчудовиден од пејзажот таму. Светлината и атмосферата беа навистина интересни. Потоа, како што продолжив да чекорам, ги здогледав двата пингвина. Отсекогаш сум сметал дека пингвините одзади многу потсетуваат на луѓето, но оваа глетка беше особено смешна, бидејќи тие се држеа за раце. Изгледаа како двајца љубовници кои стојат рака под рака пред прекрасниот пејзаж и се гледаат в очи. Тие беа многу оддалечени од групата пингвини, па најлогично ми беше да помислам дека сакаат да имаат романтичен момент насамо. Стоеја сами околу две минути и потоа им се придружија на другите пингвини. Потоа сите заедно се упатија накај океанот. Тоа беше навистина еден надреален момент.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.