Рибарски селца над вода
Живот над вода и меѓу карпи. Ова е најкусиот и најдобар опис за секојдневието на жителите од рибарските селца, кои се наоѓаат во близина на брегот од виетнамскиот остров Кат Ба. Нивните домови буквално лебдат над вода. Тие научиле да живеат од она што можат да го најдат во нејзините длабочини, од растенијата и од животинскиот свет во морето. Главно заработуваат и опстануваат од риболов.Животот во специфичните „лебдечки“ селца е интересен, необичен, но ни малку лесен. Освен неколкуте мали плодни делови почва на островот, останатиот дел од теренот е карпест и неповолен за какво било земјоделие. Затоа, изреката „Водата живот значи“, за овие луѓе е животно мото. Во моментот, на ваков начин живеат речиси 4.000 жители. Нивниот број порано бил значително поголем, но во текот на 70-те и 80-те години, тешкиот живот ги натерал да заминат оттаму и да побараат подобра егзистенција. Со нивното заминување, се намалила рибарската флота, односно столбот на необичните села.Но, овие Виетнамци-печалбари не го заборавиле нивниот роден крај, се вратиле и инвестирале во сиромашното копно. Направиле вистински хотелски бум и развиле туризам во јужниот дел од островот. Никнал град, кој од 1997 година, почнал рапидно да расте и набрзо станал туристички центар. Таму денеска живеат 13.000 жители. Со ова, од сиромашно место, островот се трансформирал во омилена летна атракција за домашните туристи. Во текот на годината, тој бележи и голем број посети од странски туристи, кои пак, се повеќе заинтересирани за неговите помалку истражени делови.Кат Ба е најголемиот и засега единствен населен остров во архипелагот Халонг Беј, во северниот дел на Виетнам. Останатите 336 острови се всушност пусти и високи карпи. Во 1986 година, половина од Кат Ба и 90 квадратни километри од водената површина, биле прогласени за национален парк. Целта е да се заштити уникатниот еко-ситем, кој вклучува зелени суптропски шуми, слатководни мочуришта во подножјето на ридовите, крајбрежна мангрова шума… Иако, поголемиот дел од крајбрежјето се состои од карпести гребени, постојат и неколку песочни плажи, скриени во малите заливи.И покрај заштитата на овие природни убавини, островот сепак, се соочува со бројни проблеми во однос на животната средина. Во последните неколку години, со забрзаниот развој и зголемувањето на туризмот, се зголемил и незаконскиот лов, прекумерниот риболов и загадувањето на водата…
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.