Разговор со психологот Ирина Николовска за важноста на менталното здравје во модерниот свет - Part 2

Разговор со психологот Ирина Николовска за важноста на менталното здравје во модерниот свет

6. Откако со клиентот ќе влезете во одредена работна шема, на колку време се закажуваат средбите и колку долго трае целиот овој процес? Веруваме дека повторно е индивидуално и во зависност од самата личност, но постојат ли некои општи временски граници во кои можат да се сместат повеќето од сесиите?

Откако клиентот ќе започне со процес на терапија, средбите вообичаено се одржуваат на неделно ниво, поради потребата да се испроцесираат содржините, а целокупниот процес трае во зависност од потребата на клиентот и природата на проблемот.

Според податоците од некои мета-анализи за ефектите на психотерапијата, околу половина од клиентите чувствуваат значајни промени по првите 6 до 8 сеанси, а кај 70% од клиентите доаѓа до значајна промена до 26-тата сеанса. Друг податок говори дека придобивките од терапијата се задржуваат од 6 до 8 месеци, а според некои податоци, клиентите во текот на терапијата покажуваат и понатамошно континуирано подобрување.

Ваквите информации ни служат како еден општ ориентир околу очекувањата за постигнување промени и траењето на процесот, сепак, индивидуалното темпо може да биде и поразлично од тоа. Како и да е, доколку не се постигнува значајна промена во рок од 6 месеци советување и терапија, подобро е процесот да се прекине и да се побара помош од друг професионалец или пак, да се испита причинаta за постоење потреба од друг или дополнителен вид третман.

7. Во последно време сè повеќе се зборува за важноста за развивање на емоционалната интелигенција и за одржување на менталното здравје. Колкава улога играат тие во нашиот живот?

Голем дел од задоволството од нашиот живот е поврзано со нашите чувства, емоции, расположенија и начинот на кои ги комуницираме за нас значајните нешта со околината. Емоционалната интелигенција е всушност способност која ни овозможува да ги препознаеме своите емоции, да ги разбереме, да ги менаџираме и изразиме на ефикасен и асертивен начин. Оваа способност е значајна во сите сегменти од нашето живеење – во односите со семејството, на работа, со пријателите, со партнерот.

Емоциите, како реакција на организмот на содржините надвор од нас и во нас, не можеме да ги одвоиме од нашето функционирање во ниту еден момент. Не можеме да ги одвоиме природно ниту од когнитивните процеси, ниту од однесувањето и мотивацијата. Сите тие се поврзани едно со друго и се важни елементи за управување на организмот.

Луѓето се разликуваат во степенот на емоционалната интелигенција и добрата вест е што таа може да се развива. Најдобро е кога се учи и негува уште во детството, но на неа може да се работи во текот на целиот живот.

8. Постојат ли некои брзи техники или вежби што би сакала да ги споделиш со нашите читатели за развивање на свесноста за себе, подобрување на моменталното расположение или зголемување на емоционалната интелигенција?

Природно е да тежнееме кон развој и поголема ефикасност, но не можеме да очекуваме големи промени кај себе, прескокнувајќи ја секојдневната навика во начинот на однесување и размислување. Тоа треба да го имаме на ум кога користиме вежби и техники кои се наменети за пошироката јавност, а кои не ја земаат предвид целокупната личност и нејзината позадина.

Секако, во психологијата на личен развој, постојат многубројни вежби кои на едноставен и брз начин нè враќаат во сегашноста и може да придонесат за позитивна промена во нашето моментално функционирање. Но, ако сакаме долготрајни промени, потребен е поинаков пристап.

Од оние поедноставните кои можат да придонесат за подобрување на моменталното функционирање во насока на личен развој, би ги издвоила:

Вежба за ширење на свесноста за себе преку поставување прашања, која може да ја користи секој во своето секојдневие:

1. Што се случува со мене токму сега?

Ова, поопширно, опфаќа четири прашања:

  • Што правам?
  • Како се чувствувам?
  • Што мислам?
  • Какво ми е дишењето?

2. Што сакам во овој момент?

Дали сакам да продолжам со она што го правам, размислувам, чувствувам и начинот на кој дишам, или пак сакам нешто да променам? Дури и да не се донесе одлука за промена, се менува свесноста за она што сме во моментот.

Вежба за дишење 4-7-8

Голем број клиенти кои чувствуваат повисоко ниво на стрес имаат придобивки од вежбите за дишење. Во оваа, конкретно (на која има бројни варијации) – 4 е за 4 секунди длабоко вдишување, 7 е за 7 секунди држење на здивот и 8 за 8 секунди издишување. Овој циклус се повторува неколку пати. Вежбите за дишење придонесуваат за намалување на нивото на стрес, енергизираат и ја намалуваат тензијата.

9. Исто така, каков совет би им дала на помладите и постарите во Македонија за одржување на менталното здравје во сè постресното секојдневие?

Кога зборуваме за менталното здравје и за менталната хигиена, често забораваме да ја нагласиме важноста на навиките во живеењето од кои всушност го градиме нашиот живот и управуваме со нашето време и ресурси. Истите се дел и од превенцијата во однос на менталните нарушувања.

Ние сме целовити битија и не можеме да го апстрахираме функционирањето на организмот од мислењето, емоциите, однесувањето, околината, воспитанието и образованието, културата, квалитетот на односите со другите, начинот на исхрана, сонот итн. На некои нешта, како индивидуи, имаме помало влијание, додека на други поголемо. Токму затоа, значењето на личната одговорност, ја истакнуваат многу значајни психолози и психијатари. Животниот баланс и балансот на организмот, сè од големо значење кога зборуваме за менталното здравје и добросостојбата на една личност.

Голем дел од проблемите во однос на менталното функционирање, се всушност проблеми на живеењето. Она што тука е значајно е да не ги занемариме грижата за физичкото здравје, грижата за себе и за средината, искористувањето и развојот на своите потенцијали и невоздржувањето од барање помош и поддршка, било психолошка или од друг вид (според потребата) во моменти кога стресот или проблемот ги надминува нашите капацитети за справување.

10. Сигурни сме дека воопшто не е лесно да се работи со луѓе на овој начин. Како вие психотерапевтите го одржувате своето ментално здравје? Имате некои посебни техники или и вие разговарате со колеги од вашата бранша?

Како во текот на едукацискиот процес, така и потоа во текот на работењето, терапевтот е одговорен неговата работа да подлежи под супервизија. Тоа значи дека секогаш кога ќе наидеме на застој во работата поради лични причини, имаме одговорност тоа да го консултираме и сработиме со друг професионалец. Тоа е многу значајно за да се одржи квалитетот на работата, но и во насока на подобрување на личниот развој.

Јас сум за тоа да се руши митот дека терапевтот е некаква совршено објективна, моќна фигура, која е недопирлива за какви било надворешни и внатрешни проблеми и конфликти. Како и секоја личност, терапевтите имаат свои слабости и се ранливи на одредени теми, па проблем може да настане кога тоа интерферира со квалитетот на работата и токму затоа се поставени тие критериуми за работа под супервизија кои даваат можност за личен и професионален развој.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар