Разговор со нобеловецот Игор Томески: Зошто Македонија последна дознава за своите таленти? - Part 3

Разговор со нобеловецот Игор Томески: Зошто Македонија последна дознава за своите таленти?

Дали Македонија знае да ги цени своите таленти?

Многу често се вели дека Македонија не знае да ги цени своите таленти, но Игор смета дека таа е изјава е површна, бидејќи во себе не го вклучува односот на талентите кон Македонија и кон себеси.

„За да може Македонија ги запознае своите таленти, талентите треба прво да ја познаваат Македонија и да не се откажуваат толку лесно и брзо од неа. Уметниците мора да создаваат и креираат, да им се обраќаат на институциите, да аплицираат и да се трудат. Институциите, исто така, треба да изнаоѓаат начини поумешно да ги препознаваат талентите и уметниците, а потоа да ценат, регрутираат и наградуваат. Сепак, талентите мора да се навикнат за почеток да работат во ’тесни’ услови. Условите ќе бидат такви, каде и да одат во светот“, признава Игор.

Освен тоа, за да може да се дискутира на оваа тема, треба прво да се одреди смислата на зборот „цени“. Што треба да се случи за уметниците да се чувствуваат ценето од страна на државата?

„Ако работат од срце, би требало да бидат задоволни од себе и своите продукти, независно дали ќе добијат валидација за нивната работа од некого. Ако работат за профит или градат кариера во одредена професија, мора да бидат борбени и истрајни, особено во полето на уметноста. За оние кои не се спремни да го преземат тој предизвик, секогаш постојат други професии. Без разлика дали ние се согласуваме со тоа како светот функционира, тоа е така. Оној кој навистина ја осознал, ја сака и цени својата земја, со сите нејзини позитивности и негативности, сигурно ќе си го пронајде своето место во неа и ќе изнајде начин како да го негува талентот согласно околностите“, заклучува Нобеловецот.

Игор има и препорака за талентираните луѓе од Македонија кои се чувствуваат безнадежно и потценето.

„Би сакал да ги потсетам сите артисти и таленти дека најголемите светски уметници, автори и уметнички револуционери твореле незабележани, во несоодветни услови, незабележани. Но, тогаш и така се раѓаат големите ремек-дела. Можеби звучи идеалистички, но чувствувам дека вложениот труд, преиспитувањето и творењето од срце на крај секогаш се исплаќаат“, советува Игор.

Доколку моментално ја вложувате сета ваша енергија, време и љубов во нешто големо, но сметате дека немате услови за творење и дека не ја добивате потребната поддршка, не заборавајте дека авторот на следното ремек-дело можеби ќе бидете токму вие.

Дали може да се поправи ситуацијата во Македонија од уметнички и културен аспект?

Иако можеби тоа ви звучи како невозможна мисија, Игор има позитивен поглед кон нештата.

„Тоа е сосема возможно, особено во оваа мала земја. Во Македонија е потребен еден посебен креативен простор каде што ќе можеме да ги процениме, запознаеме, поврземе, наградиме и поттикнеме младите таленти, па од таму да ги поставиме вистинските луѓе на вистинските позиции во сите сфери. Еве јас јавно го споделувам мојот ентузијазам и нудам помош за создавање вакво нешто во мојата област, дали во рамките на институциите или со колективен труд на колегите“, открива Игор.

Тој во последниов период работи на нешто од таков тип во областа на телевизијата, театарот и филмот. Премногу е рано за да ни открие за што станува збор, но се надева дека тоа ќе биде првиот чекор кон подобрувањето на општата култура и уметнички развој во нашата земја.

„Исто така, позитивно сум изненаден од професионалноста на неколку институции во Македонија од мојата област коишто имаат желба да ни помогнат. Се надевам дека тоа ќе остане така и понатаму и дека професионализмот, како и уметностите, ќе се движат во позитивна насока.“

Сепак, не е сѐ така црно како што изгледа, туку едноставно јавноста не е доволно запознаена со сите акции што се преземаат за да се смени нешто и да се напредува. Треба да се запрашаме дали проблемот лежи во медиумите или во незаинтересираноста на народот. Веројатно и во двете по малку. Доколку доволно добро ја образуваме и информираме нашата публика, сигурно ситуацијата би била многу поинаква.

Разговор со нобеловецот Игор Томески: Зошто Македонија последна дознава за своите таленти?

Игор Томески сосема заслужено го носи епитетот „амбасадор“ на Македонија и оваа „титула“ ја сфаќа како голема привилегија и одговорност што со задоволство ја прифаќа и оправдува самостојно. Не постои сомнеж дека тој е еден од ретките млади луѓе кои ја претставуваат нашата земја во добро светло пред целиот свет. Неговите успеси во областа на театарот и филмот се неоспорни, иако тој повеќе се пронаоѓа во театарот како „извор на филмот, негов претходник и негова основа, која е безвременска и може да постои во секој момент“. Покрај сите негови значајни успеси на толку рана возраст, можеме само да си замислиме какви идни изненадувања ќе ни приготви нескротливата страст на младиот уметник.

Доколку отсекогаш сте сакале да се занимавате со некаква уметност или да почнете со нешто свое, но не сте се осмелиле поради недостигот на услови и поддршка, земете пример од Игор чија амбиција може секому да му послужи како инспирација. Информирајте се, читајте, одете на театар, гледајте филмови и негувајте ја вашата љубопитна природа, бидејќи само така ќе се надградите себеси, но и ќе му помогнете на општеството да доживее културна и уметничка преродба.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар