Научниците открија дека ранобудничките имаат помали шанси да добијат рак на дојка

Научниците открија дека ранобудничките имаат помали шанси да добијат рак на дојка

Имаме одлични вести за жените што сакаат да се будат рано наутро. Едно истражување покажало дека жените кои се чувствуваат „најбудно“ претпладне имаат 40% помали шанси да развијат рак на дојката за разлика од жените кои се будат подоцна.

Ранобудните жени веројатно имаат помали шанси да добијат рак на дојката

Научниците од Универзитетот Бристол во Велика Британија откриле дека нешто толку едноставно како вашиот внатрешен часовник може да има голема улога во тоа дали ќе бидете или нема да бидете дијагностицирани со рак. Тимот ги презентирал нивните откритија на Конференцијата за рак во Глазгов, Шкотска.

Секој од нас има циркадиски ритам кој е уникатен. Тој следи циклус од отприлика 24 часа и може да се менува во текот на животот. На пример, децата од основно обично се ранобудни, додека тинејџерите најчесто се ноќни птици. Додека да станеме возрасни, овој ритам се стабилизира и најчесто се наоѓа помеѓу двата екстреми.

Неодамна истражувањата покажале дека циркадискиот ритам има влијание на многу нешта – од навиките за одолговлекување и пиење, па сè до способноста за играње бејзбол. Додека утринските луѓе имаат предност кога станува збор за здравјето, и најверојатно среќата, ноќните птици обично се попаметни, покреативни и подобри љубовници.

Ова ново истражување открило нова предност од раното будење – намален ризик од рак на дојката. Тимот користел генетски варијанти поврзани со потенцијални ризични фактори, во овој случај циркадискиот систем, за да одреди дали има некаква поврзаност помеѓу ризичниот фактор и одредена болест, како рак на дојката. Користењето генетски варијанти ја прави техниката поверодостојна за разлика од другите методи на набљудување.

Има вкупно 341 варијанта поврзана со циркадискиот систем и не биле анализирани други ризични фактори, како на пример дебелината. Биле користени ДНК примероци од над 220.000 жени за истражувањето од Конзорциумот на здружението за рак на дојката, а во проектот на Биобанката на Велика Британија учествувале 180.000 жени.

Во истражувањето на Конзорциумот, примероците покажале дека ранобудните имаат 40% помал ризик да развијат рак на дојката. Покрај тоа секој дополнителен час спиење што ги надминува препорачаните 8, наводно го зголемува ризикот за 20%.

Примероците од Биобанката не нашле поврзаност помеѓу траењето на спиењето и ризикот од рак на дојката, но и тие потврдиле дека кај ранобудните жени ризикот е помал. Во период од 8 години, околу две од сто жени ноќни птици биле дијагностицирани со рак на дојката. Кај ранобудните жени односот бил една во сто.

Засега истражувањето чека научна евалвација, но ако ја помине, ни нуди цврсти докази кои го поврзуваат телесниот часовник со ризикот од рак на дојката. Сепак, нема објаснување зошто воопшто постои оваа поврзаност и не се знае дали е поради генетика или животен стил.

„Сакаме дополнително да ги истражуваме механизмите зад овие резултати бидејќи се засновани на прашања поврзани со тоа дали се преферира утрото или вечерта, наместо тоа дали личноста се буди порано или подоцна“, изјавила Ребека Ричмонд која била дел од истражувањето.

Погледнете и кои се скриените симптоми на рак на дојката што не смеете да ги игнорирате.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар