Рај за сите планинари: Патека во Бутан долга 403 километри
Добра вест за сите планинари и љубители на прекрасни пејзажи – трансбутанската стаза е повторно отворена. Стотици години наназад по овој пат поминувале аџии, гласници, војски и трговци. Оваа стаза се одликувала со големо социо-економско, политичко и духовно значење, поврзувајќи различни заедници во една нација бидејќи сè до 1960-тите, овој пат бил единствениот по кој можело да се патува и да се комуницира низ целата земја. Долга е 403 километри, се протега помеѓу градовите Хаа на запад и Трашиганг на исток и води низ 27 села и девет области во Бутан.
По изградбата на првиот национален автопат во Бутан во 1962 година патеката повеќе не се користела како главна сообраќајна рута. Сепак, за да не биде заборавена и целосно уништена, Бутан започна со проектот за оживување на античката патека по 60 години запоставување.
Станува збор за музеј под отворено небо полн со приказни, митови и легенди. Ја користат локалното население, како и туристите за пешачење, планински велосипедизам, трчање и што е најважно, како средство за поврзување со руралната култура и историја на Бутан.
Во моментов во тек е изградбата на селски куќи кои им нудат на туристите увид во руралниот живот на Бутан, примајќи гости кои можат да се одморат таму, да имаат добар оброк и да научат нешто повеќе за историјата на овие предели.
Преку програмата Passport Ambassador локалните фармери и луѓето кои живеат во руралните области ги отвораат своите домови за да им служат традиционални јадења на посетителите и да им откријат повеќе за културата, гастрономијата и историјата на Бутан. Оние кои сакаат да го посетат Бутан можат да се обратат во непрофитната организација Trans Bhutan Trail, која ќе обезбеди водич, возач, сместување, оброци и посета на фарми. Целиот профит од патувањето се враќа во одржувањето на патеката и заедниците што живеат овде.
Откако прочитавте за Бутан и проектот за оживување на руралните предели, можеби ќе сакате да прочитате и зошто Бутан е најсреќната држава во светот.
Извор: punkufer.dnevnik.hr