Рај за очи: 5 стари европски мостови кои треба да ги видите барем еднаш во животот!
Старите мостови кои го издржале забот на времето можат да ве пренесат за миг стотици и стотици години назад во минатото за да го почувствувате духот на едно друго време. Чекорејќи по нив ќе ја осетите магијата на старовековните традиции и тоа на сосема непосреден и природен начин. Многубројните мостови кои ги граделе Римјаните и Османлиите на територијата на Европа и ден-денес гордо ја раскажуваат својата приказна и претставуваат дел од најзначајните културно-историски споменици. Во продолжение прочитајте за дел од нив.
Понте Векио, Фиренца
Понте Векио (во буквален превод значи „стар мост“) е една од најпознатите туристички атракции во Фиренца и најстариот мост во градот. Се смета дека првиот мост бил изграден на истата оваа локација уште во римско време, додека сегашниот мост датира од 1345 година. Понте Векио отсекогаш бил домаќин на трговци и продавници, особено продавници за накит. Дури и денес мостот го красат многубројни блескави излози.
Карлов мост, Прага
Карловиот мост е една од култните историски знаменитости во Прага изграден на реката В’лтава. Неговата изградба започнала во 1357 година како замена за стариот Јудитин мост кој бил оштетен во поплава во 1342 година. По изградбата на мостот на почетокот на 15 век, Карловиот мост, тогаш познат како „Камен мост“, бил единствениот начин да се премине реката. Изграден во готски стил, мостот е долг 516 метри и е украсен со 16 лакови и 3 кули. Неговата локација нуди и преубав поглед кон градот кој сигурно ќе ве маѓепса.
Римски мост, Кордоба
Римскиот мост во Кордоба. Шпанија, е изграден од страна на Римјаните во 1 век п.н.е., а според арапскиот географ Мухамед ал-Идриси, „ги надминува сите други мостови по убавина и сила“. Долг околу 247 метри, а широк 9 метри, се наоѓа на реката Гвадалкивир која е втората најдолга река во Шпанија. Доколку сте фан на „Игра на тронови“, тогаш сигурно ви е познат.
Стар мост, Мостар
Стариот мост кој е изграден од страна на Османлиите и потекнува од 16 век, се наоѓа во Мостар, Босна и Херцеговина. Мостот бил срушен за време на војната во 1993 година, но повторно бил изграден неколку години подоцна. Денес е под заштита на УНЕСКО и е популарна туристичка атракција на реката Неретва.
Пон Неф, Париз
Пон Неф во Париз е најстариот мост во градот, кој датира од 16 век. Во 1577 година, кралот Хенри III со декрет ја објавил изградбата на нов мост на Сена и назначил комитет кој ќе го следи проектот. Следната година бил поставен камен-темелникот од страна на самиот крал, во присуство на неговата мајка, Катерина де Медичи, и неговата сопруга, Луиз де Лорен. Денес, мостот е еден од симболите на градот.
Откако ја прочитавте нашата листа со најубавите европски мостови, можеби ќе сакате да прочитате и кои 6 градови ја зачувале својата средновековна архитектура.
Извор: punkufer.dnevnik.hr