Психолошката причина што лежи зад нашата потреба од објавување селфиња
Речиси и не го паметиме времето пред да се појават селфињата. Благодарение на предните камери и популарноста на социјалните мрежи, селфињата се насекаде: Во нашите мобилни телефони, на Инстаграм, на Фејсбук, па дури и во речниците. Зборот „selfie“ стана дел од речникот на Оксфорд, а во нашиот јазик се појавија повеќе идеи за негов соодветен превод како што е „самослик“, но сепак терминот „селфи“ е сѐ уште најчесто употребуван. Интересно е тоа што селфињата не останаа минлив тренд, туку се задржаа како неизбежен дел од нашата култура.
Природно е да нѐ интересира која е психолошката причина за нашата постојана љубов кон селфињата. Токму затоа истражувачите се обиделе да ја објаснат вистината што лежи зад овие модерни автопортрети и откритијата не се секогаш позитивни.
Едно истражување од Универзитетот во Бафало ја истражувало врската меѓу самопочитта и употребата на социјалните мрежи. Резултатите покажале дека луѓето чија самопочит зависи од туѓото мислење почесто објавуваат селфиња. Според друго истражување, нарцисоидноста е главниот фактор што одредува колкава е веројатноста кај луѓето да објавуваат селфиња. Во истражувањето учествувале 85 испитаници и резултатите покажале дека нарцисоидните поединци објавувале повеќе селфиња.
Сепак, некои психолози не се согласуваат со тоа дека правењето и објавувањето селфиња е одраз на нечија егоцентричност. Психологот Памела Ратлеџ, на пример, тврди дека иако нарцисоидноста се смета за негативна карактерна особина, тоа не е баш така во реалноста. Всушност станува збор за карактеристика што се врзува за екстровертноста според големите 5 карактерни особини.
„Хуманистичкото движење го претстави концептот за здрава нарцисоидност, што подразбира поседување иста количина на самодоверба и љубов кон себеси, како и на реалистичен поглед кон сопствените можности. Ова е неопходно за здрав личен развој. Освен тоа, постојат различни степени на нарцисоидност, а тука не зборуваме за патолошка нарцисоидност“, објаснува психологот.
Иако автопортретите постојат веќе со години, модерната претстава за селфињата е релативно нова и честопати не знаеме што да мислиме за нив и како да ги етикетираме, па веднаш донесуваме негативни заклучоци. Селфињата се дел од човечкиот живот во дигиталната ера. Ова се неколку од причините зошто правиме селфиња и повеќето од нив немаат никаква врска со нашата егоцентричност…
Селфињата се алатка што ни служи за да се истражиме себеси (дури и кога не сме свесни за тоа)
Кога правиме селфиња, ние се обидуваме да се разбереме себеси подобро на визуелен начин. Луѓето пробуваат различни идентитети, стилови и се обидуваат да дознаат како изгледаат во очите на другите, но и како изгледа нивната најдобра верзија. Благодарение на селфињата, ние можеме да се фотографираме сѐ додека не направиме слика која е блиску до нашата перцепција за тоа како мислиме дека изгледаме во реалниот живот.
Кога ги објавуваме нашите омилени селфиња, комуницираме со други луѓе и го контролираме нашиот изглед
Нема сомнеж дека комуникацијата очи во очи мораше да направи место за комуникацијата преку екраните. Нашите селфиња на некој начин нѐ поврзуваат со другите преку технологијата. Дури и да не дојде до размена на коментари, сепак станува збор за ефективно средство за комуникација.
Сликите содржат многу поголема количина на информации од која било порака. Дури и да ставите долг опис, самата фотографија сепак ќе каже повеќе работи за вас. Освен тоа, сите ние претпочитаме слики со луѓе на нив, а благодарение на предните камери, нема потреба да бараме од непознати луѓе да нѐ фотографираат.
Исто така, кога објавуваме селфиња, можеме да ја контролираме нашата слика што сакаме да му ја претставиме на светот. Зад секое селфи што го објавувате, сигурно постојат уште 27 опции зачувани во вашиот телефон. Секако дека не треба да заборавате на фактот дека селфињата не претставуваат вистинска слика за нечиј природен изглед, но тоа не значи внимателната селекција на селфиња е нешто лошо. На тој начин, вие донесувате свесни одлуки за тоа како сакате да се претставите пред другите. Па, зошто тогаш објавувањето убави фотографии предизвикува морални дилеми? Тоа е така затоа што луѓето не се навикнати да имаат толкава контрола на работите.
Луѓето ги користат селфињата на различни начини
Сите селфиња се различни и луѓето ги користат за да пренесат различни работи. Според најновите истражувања, постојат 3 главни типови луѓе кои прават селфиња: комуникатори, автобиографи и самопромотери.
Наводно, комуникаторите ги користат селфињата за да се поврзат со нивните следбеници и да поттикнат дискусија, што значи нивната цел е да предизвикаат двонасочна комуникација. Автобиографите сакаат да ги документираат и да ги споделуваат моментите и настаните што им се значајни. Тие сакаат да споделат, но не се заинтересирани за реакциите што ќе ги предизвикаат. Последни се самопромотерите кои ги користат селфињата за да го документираат сето она што им се случува во животот, од патување низ Европа до одење во супермаркет.
Сите сакаме да правиме селфиња, но ни пречат туѓите селфиња
И покрај тоа што имаме добри лични причини за објавување селфиња, честопати ги осудуваме туѓите селфиња и донесуваме негативни заклучоци за нив. Тоа е така затоа што луѓето имаат двојни стандарди и размислуваат на следниов начин: „Не е во ред кога други луѓе прават селфиња, ама во ред е кога јас го правам истото, затоа што јас го правам тоа на здрав начин, а сите останати се нарциси“. Освен тоа, жените многу построго ги осудуваат селфињата на другите жени за разлика од мажите.
Вистината е дека сите ние инстинктивно ги сметаме луѓето кои спаѓаат во групата на самопромотери за егоцентрични, но ова е погрешно. Нашата култура ни наложува да мислиме дека не е во ред да се промовираме самите себеси, а денес луѓето имаат можност постојано да објавуваат фотографии. Самопромоцијата не е повеќе резервирана само за богатите и славните.
Ваквото размислување не се однесува само на сликите. Гледано од поширока перспектива, на жените постојано им се вели дека треба да бидат самоуверени, но кога тие ја покажуваат сопствената самоувереност веднаш добиваат етикета на „нападни“ или „себични“. Ова важи и за фотографиите на социјалните мрежи. Па, доколку забележите дека ги осудувате самопромотерите, размислете зошто вашиот инстинкт ви вели дека треба да се чувствувате така.
Гледано во целост, селфињата може да имаат позитивно влијание на вас
Без разлика какви селфиња објавувате, тоа ви нуди можност да добиете општествено одобрување, што и не е толку лошо. Мислењето дека треба да чувствуваме вина затоа што сакаме да добиеме општествено одобрување е глупаво. Треба само да внимавате да не излезе од контрола вашата природна желба за лајкови и следбеници. Не смеете да дозволите вашето расположение и самопочит да зависи од бројот на лајкови. Ако забележите дека вашите селфиња полека излегуваат од контрола, психолозите советуваат да почнете да водите дневник каде што ќе запишувате што сте објавиле дента и како сте се чувствувале поради тоа.
За да бидете сигурни дека не претерувате со селфињата, треба да имате конкретна причина зошто објавувате одредено селфи. На пример: „Објавувам селфи за да покажам дека сум бил/а во теретана денес“, „Го објавувам ова селфи затоа што ја обожавам оваа шолја кафе“ или „Објавувам селфи за да му покажам на брат ми колку ми се допаѓа подарокот што ми го испрати“. Со други зборови, објавувајте селфиња кои предизвикуваат позитивни емоции за да се чувствувате добро секогаш кога ќе ги погледнете. Сосема во ред е и доколку вашата причина за објавување селфи е тоа што сте успеале совршено да ги нашминкате очите.
По овие сознанија, слободно објавувајте селфиња колку што сакате, само не заборавајте на нив кога ќе ги видите автопортретите на другите луѓе и не избрзувајте со донесување стереотипни заклучоци.
Прочитајте ги и овие 5 начини на кои селфињата прават да се чувствувате подобро.