Психологија на смеењето: Што кажува насмевката за вас?

Психологија на смеењето: Што кажува насмевката за вас?

Дали некогаш ја имате слушнато изреката дека смеењето го продолжува животот? Постојат многу истражувања кои го поддржуваат ова мислење. Смеењето прави да се чувствуваме подобро, да бидеме послободни и да си дозволиме да чувствуваме, па на некој начин претставува лек за самолекување. Од чисто научна гледна точка, смеењето претставува движење на мускулите на лицето.

(2)-psihologija-na-smeenjeto-shto-kazhuva-nasmevkata-za-vas-kafepauza.mk

Науката за смеењето е термин кој за првпат се слуша во времето на Чарлс Дарвин. Неговите истражувања покажале дека смеењето се состои од две страни: првата страна ги опфаќа причините, последиците и манифестирањето на смеењето и како таква е иста за сите луѓе; втората страна, пак, го опфаќа секој тип невербален говор на телото со кој се изразуваат чувствата при смеење, па како таква, зависи од културата во која сме израснати и е нешто што го учиме во текот на нашето растење.

Така на пр., просечно земено, жените се смеат повеќе од мажите. Исто така, смеењето и плачењето одат често рака под рака кога станува збор за жените, додека мажите имаат тенденција да не ги покажуваат своите чувства. Друг факт е дека во некои култури насмевнувањето е општоприфатен гест за фино однесување и благонаклонетост, додека во други земји луѓето се покриваат со рака додека се смеат или воопшто и не го прават тоа. Исто така, во некои земји, луѓето постојано се смеат и делуваат поведри, додека во други земји имаат посериозен став.

Според истражувањата на Дарвин, смеењето е тесно поврзано со социјалниот живот. Во својата основа, смеењето изразува чувства на среќа, задоволство и исполнетост, иако некогаш е комбинирано и со плачење. Но втората т.н. намена на смеењето е да помага при оформувањето врски во животот. Почнувајќи од односот кон продавачката кога купувате кафе на пат кон работа, па сè до односот кој го имате со семејството и партнерот, смеењето може многу да помогне во човечкото поврзување со други луѓе. Со други зборови, додека насмевката привлекува луѓе, цврстиот став и намуртеното лице е поверојатно дека ќе ги одбијат. Имајќи го ова предвид, може да се каже дека ведрото и насмеано лице игра улога во сите гранки од животот и како такво може многу да помогне (или одмогне) во некои ситуации.

(1)-psihologija-na-smeenjeto-shto-kazhuva-nasmevkata-za-vas-kafepauza.mk

Постојат различни типови смеење, кои варираат во зависност од тоа дали се работи за маж или за жена, во кое општество живее личноста, причината која довела до смеењето и сл. Основната поделба е на природно и вештачко смеење, а физичката разлика може да се забележи уште веднаш: вистинското смеење се изразува во очите, додека она вештачкото повеќе ги вклучува мускулите околу устата. Друга поделба е на смеење со отворена и затворена уста, што според писателката Џуди Џејмс (една од светските експерти за однесување и говор на тело), вклучува дури 14 различни насмевки.

Но, според Пол Екман, кој е можеби најистакнатиот експерт во областа на фацијалното изразување и емоциите, постои следнава поделба на смеењето:

Позитивна насмевка. Оваа насмевка е со долг и впечатлив интензитет, изразува позитивни чувства поврзани со забава и задоволство.

Насмевка со страв и презир. Претставува благо накривена уста во целосно непријатна ситуација и нема никаква врска со позитивните чувства.

Прикриена насмевка. Оваа насмевка се користи кога луѓето сакаат да ги исконтролираат своите позитивни чувства, односно да ги намалат или сокријат.

Мизерна насмевка. Изразува стоицизам за негативни чувства.

Флертувачка насмевка. Оваа насмевка е поврзана и со засраменост бидејќи кога ја користат, луѓето често ја вртат главата во насока различна од онаа во која се наоѓа личноста на која ѝ ја упатуваат.

Насмевката Чаплин. Ова е изобличена насмевка која изразува смеење, а вклучува мускули од лицето кои повеќето луѓе не можат намерно да ги користат.

Според Екман, постојат и 4 типа намерни, но не лажни насмевки. Тие пренесуваат некаква порака.

Квалифицирана насмевка. Ја ублажува тешката конверзација и може да измами насмевка кај личноста со која зборувате.

Согласна насмевка. Оваа насмевка изразува согласност со она што е предложено.

Координирана насмевка. Фина и љубезна насмевка со која се изразува согласување, разбирање и признавање.

Насмевка: реакција на слушател. Оваа насмевка изразува дека сфаќаме што ни се кажува и одобруваме личноста наспроти нас да продолжи со објаснување.

(3)-psihologija-na-smeenjeto-shto-kazhuva-nasmevkata-za-vas-kafepauza.mk

Кога станува збор за основната поделба на смеењето на природно и вештачко, може да се издвојат 4 критериуми според кои може да одредите дали нечија насмевка е лажна.

1. Времетраење. Лажното смеење трае подолго.

2. Составеност на очите и устата. Се зближуваат и оддалечуваат многу побрзо кога станува збор за лажно смеење.

3. Локација. Лажната насмевка ја вклучува повеќе устата, односно долниот дел на лицето.

4. Симетрија. Кога насмевката е несиметрично изразена на лицето, тогаш е многу поверојатно дека станува збор за лажно смеење.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар