Прогонувањето на поранешниот партнер на социјалните мрежи влијае на вашето ментално здравје
Одвреме-навреме на сите ни се случува да паднеме во онаа стапица на социјалните мрежи, како што е Фејсбук, која се наоѓа на 5 клика од означените фотографии на нашиот поранешен партнер. Психолозите знаат за таа мрежна стапица и тврдат дека прогонувањето на поранешниот партнер е штетно по вашето здравје. Сѐ започнува како обична љубопитна проверка. Се прашувате што прават и дали се среќни. Се убедувате себеси дека проверувате затоа што навистина се грижите, сакате да бидете сигурни дека тие продолжиле понатаму и дека живеат среќен и исполнет живот. И навистина верувате во ова додека не ги видите насмеани на фотографија со нивната нова љубов.
Се држат цврсто за раце, се искачуваат на планини, го плазат јазикот на плажа и пијат вино во романтична атмосфера. Во тој момент, вие се наоѓате во епицентарот на таа стапица и додека да се освестите вие веќе сте ги прегледале сите нивни објави и означени фотографии од претходните две години. И тогаш веќе не може да ве сопре никој! Темелно ги прегледувате сите можни албуми со фотографии на новата љубов, истражувајќи за нејзините пријатели и семејство.
Стигнавте толку далеку, што не знаете како да се вратите на почетокот. Почнувате да ги пресметувате датумите, обидувајќи се да откриете дали постојат некои преклопувања помеѓу врските. Одново ги читате коментарите кои ви ги оставиле пријателите на вашата прва заедничка фотографија и правите споредби. Сакате да престанете, но вашата морбидна љубопитност веќе земала силен замав.
Поминале веќе часови, а вие сѐ уште сте заглавени во истата стапица. Почнувате да станувате анксиозни. Несреќни сте. Чувствувате стрес. Не можете да се фокусирате на ништо друго во текот на целиот ден. Мозокот ви работи сто на саат. Не можете да престанете да размислувате за новиот живот на вашиот поранешен партнер и на вашиот стар живот. Посакувате никогаш да не сте го напишеле неговото име на алатката за пребарување. Посакувате никогаш да не кликавте бесцелно наоколу. Многу добро знаевте што ќе се случи, но не можевте да застанете. Дали можеби потајно сте мазохист? Дали е возможно да се ослободите од синџирот на сајбер психозата?
Не сте единствени. Според едно истражување објавено во списанието „Cyberpsychology, Behavior, and Social Networking“, прогонувањето на вашиот поранешен партнер на Фејсбук ја зголемува менталната вознемиреност, копнежот и сексуалната желба, односно сите оние нешта кои би требало да ги намалувате кога поминувате низ раскинување. Психологот Тара Маршал додава дека ако продолжите да го следите поранешниот партнер на Фејсбук, само го одложувате процесот на заздравување. Не дека ни треба одобрување од експерти за ментално здравје дека прогонувањето на поранешните партнери е штетно, но корисно е да знаеме дека овие сомневања што сме ги имале а сме ги игнорирале, се всушност факти. Да, факт е дека прогонувањето на вашите поранешни на Фејсбук може да е причината зошто не можете да ги преболете.
Дали тоа значи дека за да имате здраво раскинување апсолутно морате да престанете да се следите еден со друг на социјалните мрежи? Не. Секоја врска и секое раскинување се различни. На некои луѓе не им е проблем веднаш да преминат во пријателската зона. Но, ако се обидувате да преболете некого, а тоа не ви оди баш најдобро, можеби најдобро би било да ги избришете од пријатели. Барем за некое време, додека да ги излечите раните и да си дадете себеси малку психолошка дистанца. Тоа што ќе ги прекинете врските во виртуелниот свет, ќе ви помогне да живеете поздраво во реалниот свет.