Прочитајте зошто писмото на оваа мајка до својот сопруг го разнежни целиот свет

Прочитајте зошто писмото на оваа мајка до својот сопруг го разнежни целиот свет

Сакајќи да направат што е можно повеќе фотографии од своите најмали, мајките често забораваат на себе. Тие исто така и постојано се незадоволни со својот изглед, не сфаќајќи дека времето постојано тече и дека некои ситуации никогаш повторно нема да се вратат. Токму затоа блогерката и мајка на три деца, Синди Гејтвуд, се обратила до сите мајки и татковци ширум светот, охрабрувајќи ги прават повеќе фотографии од самите нив во убавите моменти. Нејзината објава, како и фотографијата со ќерка си на денот на породувањето, собрала над 150 илјада лајкови и предизвикала топли реакции…

Драги татковци,

Знам дека во овој момент го држите телефонот во рака. Најверојатно и тој секогаш ви е при рака или во вашиот џеб. На сите ни е така. Затоа, направете ѝ услуга и фотографирајте ја почесто.

И не, не мислам на сите оние скриншоти од смешни фотографии што сте ги виделе на Инстаграм. Зборувам за вистински фотографии од неа. Мајката на вашите деца. Љубовта на вашиот живот. Онаа што прави сè, што работи толку напорно за вашето семејство секогаш да биде добро.

Фотографирајте ја почесто.

Пред неколку дена ги разгледував фотографиите во мојот телефон и сфатив дека имам тон на кои мојот сопруг си игра со децата, а само неколку на кои сум и јас со нив. И тоа е целосно моја вина. Јас сум секогаш зад камерата и никогаш не сакам кога мене фотографираат. Никогаш не сум задоволна со тоа како изгледам, секогаш ми фали малку шминка или не ми е добар аголот, бидејќи имам синдром на социјални мрежи. Секогаш размислувам дека тоа ќе биде објавено и дека некој ќе го види.

Но, не мора да биде така. Потребни ни се семејни фотографии што ме вклучуваат и мене. Ги обожавам оние на кои се само децата, секако, ги сакам и оние на кои мојот сопруг е со нив, но многу ми е важно да бидам и јас на нив.

Затоа, татковци, ако имате сопруги како мене, некоја вечер кога тие ќе им читаат книга на вашите деца, извадете го телефонот од џебот и овековечете го тој момент.

Без најава.

Без позирање.

Само направете ја фотографијата.

Кога во кујната разговара со вашиот син за тоа како тој си го поминал својот ден, направете фотографија. Ако се тркала по подот со децата или им помага да ја завршат домашната задача, направете фотографија.

Времето минува со огромна брзина и тие слатки бебиња ќе стануваат сè постари и постари. Пред да станеме свесни, тие ќе ги спакуваат своите работи и ќе отидат на факултет.

Фотографирајте.

Еден ден и она ќе си отиде и на децата ќе им останат само спомени.

Фотографирајте.

Фотографирајте за тие да можат да ја видат сета љубов што секогаш им ја давала. Фотографирајте за секогаш да помнат колку била будалеста. Фотографирајте за секогаш да можат да видат колку била прекрасна. Нема врска дали била во пижами, дали косата ѝ била мрсна, ве молам, фотографирајте.

Мојата мајка почина кога имав 20 години. Сè што имам од неа се фотографии. Ги гледам често, гледам како ме држи во скут и како се смееме за нешто. Ги разгледувам фотографиите и доближувам за да видам дали денес имам исти раце како таа тогаш. Овие нешта не можат да се видат на селфињата.

Ве молам, фотографирајте.

Знам дека не мислите постојано на тоа, кога ќе ви падне на памет, не мислете на околностите, само фотографирајте. Вашите деца, но и вашата сопруга, ќе ви бидат благодарни.

Прочитајте го и ова моќно писмо од една мајка до сите родители: Погледнете во што израснуваат нашите деца!

 


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар