Прочитајте ја оваа приказна доколку минувате низ тежок период во животот
Животните предизвици и потешкотии се неизбежни. Сите понекогаш се наоѓаме во ситуација од која ни се чини дека нема излез. Тогаш се чувствуваме беспомошни и ни доаѓа да се откажеме и да кренеме раце од сѐ. Доколку минувате низ тежок период во животот, прочитајте ја оваа приказна која ќе ви даде надеж и ќе ве охрабри да продолжите понатаму…
Си биле две жаби кои паднале во сад полн со крем… Тие веднаш сфатиле дека тонат. Било невозможно да пливаат долго во таа смеса густа како жива кал.
На почетокот жабите претале со нозете за да го достигнат работ на садот. Но, трудот бил залуден. Тие не се помрднале од местото каде што биле заглавени и продолжиле да тонат. Чувствувале како им станува сѐ потешко да излегуваат на површина за да земаат воздух.
Едната од нив гласно извикала:
„Не можам повеќе. Невозможно е да се излезе од тука. Не може да се плива овде. Со оглед на тоа што ќе умрам, не гледам причина да продолжам со ова мачење. Не разбирам која е смислата да се умре од исцрпеност поради залудно вложениот напор.“
Како што го рекла тоа, жабата престанала да прета со нозете и брзо потонала. Белата густа течност буквално ја проголтала.
Другата жаба, која била поупорна и потврдоглава си рекла:
„Не гледам начин да испливам од овде. Сепак, дури и да ми се ближи смртта, ќе се борам до последен здив. Не сакам да умрам ни секунда порано одошто треба. Вреди да се борам за живот.“
Таа продолжила да прета со нозете и со часови се плискала на истото место без да се помрдне ниту еден сантиметар.
Од толку мрдање, претање и удирање со нозете, кремот се претворил во путер. Изненадена, жабата скокнала и со лизгање стигнала до работ на садот. Оттаму можела слободно да се врати во нејзината баричка.
Поуката на оваа приказна е дека најмногу треба да се бориме тогаш кога ни е најтешко. Вложениот труд никогаш нема да биде залуден, ако решиме да ја потрошиме секоја секунда од нашиот живот на правилен начин. Никогаш не треба да се откажуваме, бидејќи среќата доаѓа тогаш кога најмалку очекуваме.
Во продолжение прочитајте ја и оваа трогателна приказна која ќе ве научи дека не треба да им судите на луѓето.