Приказни во кои владее искрената љубов
Веб сајтот Makes Me Think е место каде што секој може да сподели инспиративна приказна со среќен крај од вистинскиот живот. Таму се испреплетуваат бројни приказни од нечии бракови, односи во семејството, успеси, победи против тешки болести… Заедничка нишка во сите нив е владеењето на искрената љубов и нејзиното големо значење кога животот и надежта се соочени со страшна препрека.
Ова е избор од дваесет од нив, кои ќе ве преплават со различни емоции и ќе ви ја зголемат желбата за живот.
Денеска оперирав едно мало девојче. Итно ѝ требаше крв од крвната група 0. Таква немавме во болницата, но нејзиниот брат близнак ја имаше токму таа крвна група. Поразговарав со него и му објаснив дека се работи за живот или смрт. Тој седеше мирно неколку мигови, а потоа се поздрави со родителите. Не сфатив што се случува сè додека не зедовме крв од него. Тогаш тој ме праша: „Кога ќе умрам?“ Мислел дека го дава животот за својата сестра. Фала богу, денес и двајцата се живи и здрави.
Кога утрово во 7 часот отидов на работа во мојата цвеќарница, пред вратата ме чекаше еден војник во униформа. Цвеќарницата му била попат до аеродромот, од каде што требало да замине во Авганистан на едногодишна мисија. Ми рече: „Секој петок ѝ носам букет цвеќиња на сопругата и не сакам тоа да ѝ фали додека сум отсутен“. Порача 52 букети кои треба да ѝ ги испраќаме на неговата сопруга во петок попладне, секоја недела додека тој се врати дома. Тоа ме воодушеви и му дадов 50% попуст.
Имам татко каков што само можев да посакам. Тој е прекрасен сопруг (секогаш изнудува насмевка кај мајка ми), присуствуваше на сите мои фудбалски натпревари уште од мои 5 години (а денес имам 17), и секогаш ги завршува потешките обврски во домот. Утрово, додека низ неговите алати барав клешти, во кутијата најдов едно старо парче хартија. Тоа беше извадок од неговиот стар дневник напишан еден месец пред да се родам. На него пишуваше: „Имам осумнаесет години, алкохоличар сум, не можам да се запишам на факултет, бев малтретиран како дете и имам криминално досие поради кражба на автомобил. За еден месец на оваа листа ќе додадам и татко-тинејџер. Но, се колнам дека ќе се променам заради моето мало девојче. Ќе бидам таткото кој никогаш сум го немал.“ Не знам како му успеало, но му успеало.
Денеска јас и мојот сопруг славиме десетгодишнина од бракот, но поради тоа што и двајцата сме невработени се договоривме да не си разменуваме подароци. Кога се разбудив утрово, тој веќе не беше во кревет. Станав и видов прекрасни полски цвеќиња преубаво аранжирани низ целата куќа. Сигурно имаше повеќе од 400 цвеќиња во куќата, а тој не потрошил ниту денар.
Денеска се видов со момчето со кое излегував во средно училиште за кое мислев дека никогаш повеќе нема да го видам. Тој ми покажа слика од нас двајца која ја чувал во својот шлем во последните осум години додека бил на воена мисија.
Денеска мојот постар брат по шеснаесетти пат донираше коскена срж за да помогне во моето лекување на ракот. Тој контактира директно со лекарот, не ме прашува мене дали сакам да донира или не. Денеска докторот дојде да ме извести дека третамнот почнал да дава резултати. „Кенцрогените клетки се драстично намалени во последниве неколку месеци,“ рече тој.
Денеска јас и сестра ми имавме мала сообраќајна незгода. Таа е најпопуларна во ушилиштето, а јас сум по малку интровертна и постојано се дружам само со две другарки. Веднаш по несреќата сестра ми објави на Фејсбук што ни се случило. И додека нејзините другарки коментираа на објавата, моите две најдобри другарки дотрчаа на местото на несреќата уште пред да стигнат лекарите.
Денеска ќерка ми ја приафти понудата за брак од нејзиното момче. Тој е три години постар од неа. Почнаа да се гледаат кога таа имаше 14 а тој 17 години. Во тој период беа деца и не ми се допаѓаше разликата во години меѓу нив. Тој наполни 18 години една недела пред таа да наполни 15, а мојот сопруг побара од нив да раскинат. Тие останаа пријатели и се гледаа со други луѓе, но денес, кога имаат 24 и 27 години, не познавам други двајца луѓе кои се повљубени од нив.
Пред точно десет години додека возев на раскрсница се судривме со друг автомобил. Возачот беше студент, исто како мене. Беше многу љубезен и се извини. Додека ги чекавме полицијата и влечната служба започнавме разговор и многу се смеевме. Потоа си ги разменивме броевите и останатото е историја. Денес славиме осумгодишнина од бракот.
По две години одвоен живот, јас и жена ми денеска се смиривме и вечеравме заедно. Разговаравме и се смеевме речиси четири часа. Пред да замине дома ми даде еден голем плик полн со 20 љубовни писма кои таа ги пишувала за мене во последните две години. Во пликот имаше и една белешка на која пишуваше „Писма кои бев премногу горда да ги пратам“.
Денеска мајка ми ја загуби долгата битка со ракот. Мојот најдобар пријател, кој инаку живее на 3.000 километри оддалеченост, се јави да ме утеши. Ме праша: „Што би направила ако сега се појавев на твојата врата и силно те гушнев?“ „Би се насмевнала,“ му одговорив. Тогаш тој заѕвони на мојата врата.
Денеска доживеав несреќа од која добив џумка на челото. Лекарот ми ја преврза главата и ми рече дека ќе мора да ја носам преврската цела недела. Ич не сакам да ја носам. Пред две минути моето мало братче дојде во мојата соба со иста таква преврска на главата, иако не му е ништо. Мајка ми рече дека инсистирал и тој да биде преврзан за да не се чувствувам осамено.
Денеска, откако беа цели 72 години во брак, дедо ми и баба ми починаа од природна смрт, и двајцата во период од еден час.
Покажувајќи на мојата инвалидска количка на сопругот му реков: „Ти си единствената причина поради која сакам да се ослободам од овој оков.“ Тој ме бакна на челото и ми рече: „Мила моја, јас не го ни гледам тоа чудо.“
Се моите другари се натпреварувавме чија коса ќе порасне најдолга ако не ја скратиме цела година. Стигнав до речиси 50 цм. За жал, ми беше дијагностициран рак на коските и ми стана јасно дека ќе ја загубам косата пред да заврши нашиот натпревар. Но, попладнево моите четири другарки дојдоа кај мене дома со ножици и со широки насмевки. Сите заедно ги скративме косите, а она што остана го бојадисавме во „луди“ бои. Косата која ја исековме ќе ја донираме, а има речиси метар и половина. Рекоа дека и тие ќе ја носат косата кратка како мојата сè додека не закрепнам од болеста.
Денеска му купив голем оброк на еден бездомник кој просеше во метрото. Обично не правам вакви работи, но тој беше премногу слаб и истоштен од сонцето и почувствував дека треба тоа да го сторам. Тој беше пресреќен. Ми даде половина долар од она што му го дале другите инсистирајќи да го задржам. Додека се враќав дома се потроши батеријата на уредот за наплата на патарина, па морав да платам половина долар во монети. Никогаш не чувам монети кај мене, но овој пат ги имав оние што ми ги даде бездомникот.
Денеска почина мојата стара сосетка на која многу ѝ помагав низ годините. Попладнево ми се јави нејзиниот адвокат за да ми каже дека ми оставила 73.000 долари во кеш, точно онолку колку што изнесува мојот долг кон болницата, кој се собра откако пред неколку месеци бев удрен од автомобил додека возев велосипед. Наводно, за долгот разбрала наслушнувајќи ги моите телефонски разговори со оние на кои им должам (прозорците ми се секогаш отворени, исто како и нејзините).
Помеѓу моите ученици кои го изучуваат знаковниот јазик на глувонемите има и една жена чии гласни жици биле отстранети поради рак. Нејзиниот сопруг, четирите деца, двете сестри, братот, нејзините родители и дванаесет блиски пријатели исто така ги посетуваат моите часови за да можат да комуницираат со неа.
Денеска седнав да поразговарам со моите две ќерки, едната на шест, а другата на четиригодишна возраст. Им објаснував дека мора да се преселиме во помал стан додека не најдам подобро платена работа. Тие двете се погледнаа, а потоа помалата ме праша: „Сите заедно ли ќе се преселиме?“ „Секако,“ одговорив. „Е, па тогаш нема проблем,“ возврати таа.
Денеска го препрочитав моето проштално писмо за самоубиството што го планирав, пред девојка ми да се појави на мојата врата и да ми каже дека е бремена. Одеднаш почувствував желба за живот. Денеска сум оженет со неа. Во брак сме веќе 14 години, а мојата ќерка, која уште малку ќе наполни 15 години, има и двајца помали браќа. Го препрочитувам прошталното писмо одвреме навреме за да се потсетам дека треба да бидам благодарен поради втората шанса да живеам и да љубам.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.