Приказната зад најпознатиот бакнеж во историјата
Автор: Зорица Тодорова
Кога на 14-ти aвгуст 1945 година Грета Зимер излегла на својата пауза за ручек, наишла на Тајмс Сквер во состојба на тотален транс од среќа. Вести за предавањето на Јапонија доаѓале цел ден во стоматолошката ординација каде работела како асистентка, но таа не им верувала и сакала да види со свои очи. Убаво облечени бизнисмени и жени, униформирани војници и морнари доаѓале од сите страни избезумени од среќа и се движеле без одреден правец. Војната завршила!
Од другата страна на Лонг Ајленд, Џорџ Мендонса се разбудил во домот на неговата девојка Рита и додека појадувале решиле да одат на кино во градот. Денес му бил последен ден пред повторно да замине за Сан Франциско да се качи на брод и да учествува во последните битки на Втората светска војна, затоа целиот ден решил да го помине облечен во својата морнарска униформа.
Поминале само неколку сцени од филмот кога вработен од кино-театарот влегол да им соопшти дека конечно дошол крајот на војната. Сите почнале да аплаудираат и возбудени почнале да го напуштаат киното. Џорџ и Рита влегле во првиот бар на кој налетале и испиле колку што можеле и кога веќе излегле надвор, сиот народ ги споделувал нивните емоции. Џорџ добил толку многу енергија и адреналин, што почнал брзо да се турка низ народот, оставајќи ја Рита далеку зад себе.
И токму овде Џорџ налетал на едно прекрасно суштество кое го потсетило на медицинските сестри на бродот кои толку нежно и сочувствително се грижеле за неговите ранети другари. Сиот овој наплив на емоции го предизвикал да го направи потегот по кој сиот свет ќе го памети крајот на Втората светска војна. Ја грабнал Грета за раката, благо наведнувајќи ја и ја бакнал кратки 3-4 секунди, момент кој објективот на итриот Ајзенштад, фотограф за списанието Лајф, веднаш успеал да го долови.
Тука и завршило сѐ: Рита конечно го стигнала Џорџ и дури не му била ни лута за бакнежот кој пред малку го видела – денеска е сѐ дозволено. Грета пак, соземајќи се од моментот брзо се опоравила и се вратила назад во ординацијата раскажувајќи им на сите што се случувало надвор на улиците.
Двајцата обични луѓе кои не си ги знаеле ниту имињата, дури години подоцна дознале дека нивниот бакнеж всушност бил овековечен со фотографија во книгата „Очите на Ајзенштад“ каде е претставена слика од парот кој се бакнува на Тајмс Сквер на тој значаен ден. Таа фотографија ја покажува радоста на цела една нација и го дефинира 20-от век.
„Тој едноставно го обожаваше сето тоа внимание“ – изјавила ќерката на Џорџ во март, оваа година, откако починал на 86-годишна возраст. „Таа фотографија му го овозможи на татко ми признанието кое го заслужуваше, а кога виде колку луѓе биле длабоко допрени од неа, беше пресреќен. Иако веќе не е меѓу нас, неговиот бакнеж ќе остане засекогаш.“