Приказната на уличните музичари во Скопје
Мариа Бјелиќ
Иако во моментов нема да ја најдете Мариа со нејзината гитара под рака во центарот на градот, очекувајте го нејзиното враќање за некое време по кратката пауза. Станува збор за талентирана, самоука музичарка, чие срце најпрво било освоено од страна на гитарата.
„Имав само 13 години кога го прашав татко ми дали може да свирам на неговата гитара и после неговото ’Да, ама на таа старата’, свирев по 6-8 часа на ден, секој ден“, ни открива Мариа.
Во периодот додека се занимавала со улично музицирање, случајните минувачи имале можност да уживаат претежно во мелодиите на The Beatles и Queen, иако Мариа не се ограничувала и музиката што ја свирела најмногу зависела од тоа како се чувствувала и низ кој музички период поминувала.
„Претпочитам да свирам бавни и мирни песни, меѓутоа не е никаква тајна дека со повесели песни и слушателите имаат поголеми насмевки, па се разбира дека неопходно е да се има добра разновидност“, признава Мариа.
Идејата за занимавање со ваков тип уметност кај Мариа се родила сосема случајно, а за тоа најзаслужна е Германија и сестра ѝ.
„Се случи неколку пати да сретнеме некој уличен музичар и еден ден сестра ми ме праша зошто и јас не излезам да свирам. Без многу размислување, ја позајмив гитарата на вујко ми, капчето од дедо ми, појдов на омиленото место во градот и едноставно почнав да свирам. Тремата ми помина во моментот кога еден млад пар застана да ме слуша, па потоа и уште неколку случајни минувачи. Кога ги отпеав последните неколку зборови од првата песна веќе капчето беше полно со неколку евра“, раскажува Мариа.
По скромните почетоци, Мариа дошла да студира во Скопје и веднаш се запознала со некои од музичарите кои свиреле во ГТЦ.
„Пресреќна сум што во Скопје музичарите имаат слобода да свират низ градот. Не само затоа што и јас можам да ја споделам мојата лубов кон музиката со другите, туку и поради тоа што свирењето како уличен музичар во Скопје ми овозможи да ги стекнам некои од моите најубави пријателства“, изјави таа.
Иако во Скопје, Мариа како студент, има добра заработка од уличното музицирање, надвор од Македонија се заработува многу повеќе, најмногу поради повисокиот стандард во државите. Таа досега свирела во Норвешка, Шведска и Германија од каде што се вратила со прекрасни спомени и со по некое непријатно искуство.
„Никогаш нема да ја заборавам жената во зградата спроти која свирев во Германија. Таа ми светкаше со огледалце за да се тргнам. Многу гласна сум била, таа сакала мир и тишина и отворен прозорец“, открива Мариа.
Сепак, ваквите лоши искуства се многу ретки и Мариа претежно добива позитивни реакции од случајните минувачи кои најчесто ја забележуваат и секогаш има барем еден човек кој стои пред неа, ја слуша и потпевнува некоја песна или пак некое детенце кое игра. Има и такви луѓе кои доаѓаат да си поразговараат со неа. Ваквите навидум безначајни моменти се всушност бесценети иако мора да се напомене дека во странство луѓето се послободни и почесто се собираат во поголеми групи за да ја слушаат нејзината музика, ѝ приоѓаат и ѝ кажуваат убави зборови.
Фактот дека животот на уличните музичари е богат со возбудливи авантури и драгоцени познанства го докажува и следнава приказна на Мариа што таа ја издвојува како една од највпечатливите што ѝ се случиле во животот.
„Беше средината на јули кога свирев во градот Мос во Норвешка, и планот беше околу 2 часот да тргнеме за Осло, ама градот ми беше толку топол што не сакав да си заминеме без да свирам. Наутро нема многу луѓе, улицата беше воглавно празна, ама затоа имав еден верен слушател кој седна на клупата спроти мене после првите неколку песни и не стана додека не завршив да свирам. Ги знаеше сите песни, дури и ме замоли да отсвирам неколку по негова желба и беше пресреќен што ги знаев. На некои песни дури и плачеше. На крај, покрај парите што ми ги остави, сакаше да ме испрати на пат со храна и вода, и ме убеди да му ветам дека ќе се вратам да свирам пак во Мос“, ни раскажа Мариа.
Оваа инспиративна приказна е само една од многу што оставиле белег во сеќавањата на Мариа. Не постои сомнеж дека моќта на музиката е толку голема што истовремено може и да расположи и да растажи некого. Уличните музичари несебично решаваат да ја споделат таа моќ со случајните минувачи, а за возврат добиваат интересни спомени, стекнуваат прекрасни искуства и си ја враќаат вербата во човечката добрина.
Кристијан Гиноски
Кристијан Гиноски е дечко со една поинаква општествена цел. Доколку сте го чуле, можеби сте забележале дека тој претежно свири многу тажни и носталгични песни. Тоа се должи на фактот што Кристијан сака да ја отслика состојбата на луѓето во градот преку музиката што ја свири. Тој иако нема формално музичко образование, со музика се занимава речиси 10 години, а прв пат почнал да настапува на улица пред 6 години, кога условите за ваквиот тип уметност во Македонија биле малку полоши.
Кристијан има можност да заработи нешто од уличното музицирање и иако ова е една од најинтересните професии според него, таа со себе носи и еден куп проблеми.
„Лошата заработка е клучниот проблем. Приходите се далеку од доволни за живот, па како и многу други, така и ние излезот го бараме во некоја друга држава. Потребни се доста финансии за опрема, компактност и заштита од лоши временски услови, а тоа се парични суми кои се незамисливи со сегашната заработка“, признава Кристијан.
Сепак главната на цел на Кристијан не е да направи милиони, туку да им пружи 5-минутен одмор на истоштените минувачи кои секогаш реагираат на него на различен начин.
„Луѓето кои минуваат се во најмала рака љубопитни. Некогаш упатуваат краток срамежлив поглед, некогаш обрнуваат поголемо внимание, некогаш, пак, случајните средби на улица завршиле со долгогодишни пријателства“, открива Кристијан.
Кристијан ретко кога имал лошо искуство со случајните минувачи, а главните проблеми со кои се соочил воглавно произлегле од личните фрустрации на луѓето кои не се поврзани со неговото свирење.
Покрај значајните познанства што Кристијан ги остварил за време на уличните изведби, тој исто така имал можност да се увери во човечката добрина и желба да се помогне.
„Пред 2 години во Охрид, спонтано за прв пат отидовме да свириме со моите пријатели Марко (клавир) и Филип (саксофон). Тогаш случајно создадовме интересен концепт. Локалните продавачи до ден-денес се трудат да ни помогнат и овозможат услови за свирење, иако немаат никаква придобивка од тоа. Ѕидчето на кејот на Охридското езеро брзо стана собиралиште за луѓе кои секојдневно правеа да се чувствуваме како да сме на најважниот концерт во нашите животи“, раскажува Кристијан.
Уште една приказна што ја докажува човечката хуманост, но овој пат преку пример од нашите простори, а не од странство! Ова уште повеќе го потврдува фактот дека Македонците знаат да ја ценат музиката и ги поддржуваат уличните музичари.
Јана Гигова
Иако моментално можете да ја чуете само на свирки, сигурно ја помните црвенокосата Јана која го боеше ГТЦ со звуците од нејзината гитара. Можеби се прашувате на што се должи нејзиното „раскинување“ со уличната уметност, но главната причина е сосема разбирлива и логична.
„Едноставно сакав да правам нешто друго и го правам тоа. Ми треба фокус на друго место. Свирењето надвор ми беше супер поглавје во животот ама повеќе не се гледам како дел од тој концепт. Сега имам време да се посветам повеќе на авторскиот материјал, со проби и снимања. Првото албумче треба да дојде многу скоро“, открива Јана.
Сепак Јана нема да ги задржи собраните искуства за себе, туку планира да ги преточи во зборови кои ќе бидат достапни за сите заинтересирани.
„Планирам да направам некаков блог или да напишам книга за сѐ што имам научено како баскер (назив за уличен уметник), која можеби ќе им послужи на луѓето кои патуваат и свират и сакаат да заштедат на пат, за престој, и да најдат добро место за свирење низ светот и така натаму. Има многу нешта кои се учат како уличен музичар особено околу човечката психологија, бидејќи си постојан набљудувач на несвесните потези и реакции на случајните минувачи“, изјави Јана.
Јана инаку најпрво почнала да свири ксилофон на 6-годишна возраст, а моментално студира соло пеење и композиција на ЕСРА. Како музичарка која сега има редовни свирки, а порано свирела во центарот на градот, може да направи убава споредба помеѓу реакциите на публиката што се појавува на двете различни места.
„Не сум имала лоши реакции колку што паметам, а конструктивните критики се секогаш добредојдени. Се случувало постари луѓе да ми коментираат дека требало да свирам повеќе македонска изворна музика, наместо странска, ама нормално e тоа да ми го каже некој кој пораснал во тоа време. Многу ми е драго што реакциите од останатите луѓе се позитивни и што некако сум успеала да им го разубавам денот со мојата музика. Не се сметам за добра во тоа што го правам, но убаво е што мојата музика им се допаѓа на луѓето“, открива Јана.
Единствените негативни критики што ги добивала Јана како улична музичарка биле од околните продавници кои барале да се стиши, но затоа секогаш се обидувала да најде место каде што нема да пречи никому.
Јана признава дека уличната уметност може да стане заразна поради слободата што ја дава.
„Целиот свет ти е на дофат, сам си го диктираш темпото на работа и часовите и луѓето реагираат на твоите вибрации. Ако си насмеан, позитивен и покажуваш љубов кон она што го правиш, привлекуваш само такви луѓе кон себе. Поради сето тоа, имаш ’работно место’ што не е стресно и плус го правиш она што го сакаш. Музичкото номадство е супер работа и не е воопшто страшна, доколку се посвети доволно внимание на набавка на соодветна опрема и доколку имате јасен фокус, план и добар настап“, објаснува Јана.
Според Јана, оваа уметност во Македонија е добро прифатена, а предрасудите на одредени луѓе не ја интересираат, бидејќи нејзината главна мисија е да твори. Љубовта кон уличното музицирање ја поттикнало да се занимава со тоа и во странство каде што се „вооружила“ со прекрасни искуства и вештини. Но, Јана ни откри и дека секој музичар тргнува на пат околу светот од различни причини.
„Некои се дојдени да ја најдат тајната на животот, некои сакаат да не се дома, а некои се на печалба.“
Но, и државите се разликуваат по начинот на кој ги прифаќаат уличните музичари.
„Секое место во светот си има посебна приказна и автентичност и на свој начин ги угостува своите патувачки улични уметници. Одредени држави се многу по ’busker-friendly’, а некои се доста постерилни, исплашени и помалку гостопримливи, со полициски регулации и закони кои не дозволуваат да се свири речиси никаде, особено со појачало“, објаснува Јана.
Јана посетила многу места во Европа и од секаде се вратила со различни спомени.
„Сум била во Грција, Бугарија, Унгарија, Србија, Чешка, Австрија, Германија, Италија, Хрватска, Словенија, Турција… Најбезбедно ми е кога одам да свирам во Солун, бидејќи секогаш кога одам таму, се чувствувам најдобредојдено, како дома! Без оглед на тоа што државите не ни се во најдобри односи, имам многу добри пријатели таму, кои се екстремно талентирани артисти. И самиот град, благодарение на тоа што е студентски и туристички, е многу отворен и питом, барем кон мене лично. Да се свири на Грчките острови е исто така прекрасно искуство. Затоа последниве 3 лета ги минував свирејќи на Крит и Халкидики. Во Виена не е воопшто препорачливо да свириш на улица, а од последнава година и во Истанбул е исто така многу тешко за свирење“, завршува Јана.
Сите овие талентирани музичари решила да се посветат на уличното музицирање и да воспостават една посебна врска со музиката и градот. Благодарение на нивната „мисија“, сите ние имаме можност да уживаме во мелодиите што ги создаваат со цел да ни го разведрат секојдневието и да нѐ извлечат од монотонијата. Тие го бојат градското сивило со боите на музиката и го освежуваат градот! Нареден пат кога ќе минувате низ центарот на Скопје, колку и да брзате, застанете за миг за да ги чуете уличните музичари и поддржете го нивниот труд. Тие раскажуваат приказна за градот, за себе и за сите нас.