Приказна за тажната принцеза Елизабет од Баварија
Да се биде најубавата и најсаканата императорка во светот само по себе би значело да се има прекрасен и исполнет живот. Но, таква не била приказната на Елизабет I – владетелката на Австрија. Зад сета убавина и сјај што со себе го носел животот во Хабсбуршката монархија всушност се крие трогателна и емотивна приказна.
Позната низ историјата како Сиси, прекар којшто го добила уште во детството, оваа мистериозна и необична жена всушност растела како многу весело и живо девојче на имотот на нејзиното големо семејство во дворецот Посенхофен, Баварија. Идилата на прекрасниот имот каде Сиси уживала да ги поминува деновите во долги прошетки и јавање коњи за жал брзо завршила поради амбициите на нејзините мајка и тетка.
Принцезата Софи од Баварија, мајката на тогаш 23-годишниот император Франц Јозеф, сакајќи да ги задржи богатството и моќта во семејството склучила договор со нејзината сестра да ја омажи Хелена, постарата сестра на Елизабет, за нејзиниот син.
Но нивниот план морал да се промени кога Франц Јозеф за првпат ја видел Сиси и воедно за првпат се спротивставил на желбите на неговата мајка, ја сакал убавата 15-годишна девојка за жена и решително уште утредента ја објавил венчавката. Така, веселото девојче морало да го заборави својот безгрижен живот и преку ноќ да се прилагоди на строгите правила и да научи да живее како императорката на Австрија.
Секако, едно од најважните очекувања за младата девојка било да роди машки наследник за монархијата, нешто што се подразбирало без разлика на нејзината возраст. Една од многуте трауми кои нејзината тетка, сега веќе свекрва, ù ги нанела било одземањето на нејзината прва ќерка Софи – секако крстена без прашање на Елизабет, а истото се случило и по раѓањето на втората ќерка.
Безгласна и немоќна, затворена во ѕидините на огромните дворци, Сиси се повлекла длабоко во себе, станувајќи со текот на времето депресивна и меланхолична. Овие емоции и длабоки рани ќе ја следат во текот на нејзиниот цел живот, предизвикувајќи да страда од многу нарушено здравје.
Иако Франц Јозеф имал длабоки чувства спрема својата жена, обврските и влијанието на неговата мајка оневозможиле да си создадат добар брак, па на тој начин Сиси останала целосно сама и никогаш вистински не го засакала.
Немајќи можност правилно да се развива како личност уште од многу рана возраст, Елизабет со текот на времето целосно се преориентирала кон она што сметала дека е нејзин единствен квалитет – убавината. Била позната како најубавата владетелка во светот и постојано добивала внимание од јавноста поради нејзиниот изглед. Сакајќи што подолго да ја задржи својата убавина се придржувала до бизарни, секојдневни ритуали.
Била опседната со својата тежина, многу малку јадела и постојано вежбала и пешачела. Единствената страст која ја задржала од детството била јавањето, голема љубов, но и начин да се одржува во форма. Нејзината половина била необично тенка и тоа поради ужасно тесните корсети кои постојано ги носела, а биле правени по нарачка за неа во Франција.
Сиси имала многу долга коса, за која се грижел нејзиниот личен стилист и ја негувала со есенција од јајца и коњак. Во деновите кога нејзината коса ја миеле и чешлале, сите други активности на Елизабет биле откажувани.
Сите овие необични ритуали створиле еден култ за нејзината убавина и уште повеќе привлекувале внимание кон имиџот на мистериозната жена. После 32-та година, Елизабет не дозволувала никој повеќе да слика нејзини портрети, сакала да ја задржи сликата на вечно убава и млада жена. Сиси зборувала повеќе јазици и била навистина плодна поетеса, но сите нејзини песни биле проткаени со доза иронија и сарказам упатени кон членовите на Хабсбуршкото семејство.
На крајот, покрај сите закани од семејството дека доколку не роди машки наследник ќе биде протерана од Австрија, Елизабет го родила нејзиниот син Рудолф, но нејзината животна приказна била обоена со уште една трагедија, принцот починал на млада возраст и Сиси оттогаш целосно се повлекла од јавниот живот. Така настанала вечната слика за дамата во црно.
Она што мора да биде споменато во врска со животот на Сиси е фактот дека иако имала ограничена, поточно никаква политичка сила, сепак имала огромно влијание врз создавањето на Австро-Унгарија. Била необично поврзана за Унгарците и постојано настојувала Франц Јозеф да ја земе земјата под закрила. На крај искористувајќи ја неговата љубов спрема неа, ја исполнила нејзината единствена мисија. Токму поради ова нејзино влијание, Сиси станала една од најобожуваните владетелки на нејзиното време.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Bila sakana od narodot no tocno e deka precesto bila sama .Taa bila i Ungarska kralica i bila krunisana tamu.Po samoubistvoto na nejziniot sin se povlekuva vo Svajcarija kade i sto e ubiena.Princot Rudolf se ubil bidejki tatko mu ne mu dozvolil da se ozeni so ljubovnicata Marija Vecera.Sisi e edna od moite omileni istoriski licnosti.