Приказна која ќе ве научи дека поблагословен е оној кој дава отколку оној кој добива

Приказна која ќе ве научи дека поблагословен е оној кој дава отколку оној кој добива

Уште од мали нозе учиме дека не треба да бидеме себични, дека секогаш треба да ги делиме работите и да им помагаме на оние кои бараат помош. Сите велат дека многу поубаво е чувството кога подаруваме нешто, отколку кога добиваме подароци. И тоа навистина е така. Нема поголемо задоволство од сознанието дека сме извлекле насмевка на нечие лице. Уште една потврда за таа вистина е следнава поучна приказна која зборува за дарежливоста и чувството на исполнетост кое следува по понудената помош на оној кому најмногу му треба…

Приказна која ќе ве научи дека поблагословен е оној кој дава отколку оној кој добива

Еден млад студент отишол на прошетка со неговиот професор. Додека се шетале и разговарале, на патот здогледале еден пар стари чевли, кои судејќи по изгледот му припаѓале на сиромашниот селанец кој работел на блиското поле. Студентот му рекол на професорот:

„Ајде да се пошегуваме со селанецот. Ајде да му ги скриеме чевлите и потоа ќе отидеме зад онаа грмушка и ќе ги гледаме неговите реакции додека ги бара.“

Професорот му одговорил:

„Младичу, никогаш немој да се шегуваш на сметка на туѓата неволја и беда. Со оглед на тоа што си богат, можеш да си дозволиш поголеми задоволства од овој сиромав човек. Стави по еден златник во секој негов чевел и потоа ќе се скриеме и ќе ја набљудуваме неговата реакција.“

Студентот тоа и го направил и двајцата се скриле зад некоја грмушка во близина. Селанецот завршил со работа и брзо дошол до местото на патот каде ги оставил неговиот капут и чевли. Додека го облекувал капутот, ја ставил ногата во едниот чевел и открил дека нешто има внатре. Прво си помислил дека е некое камче, но набрзо сфатил дека тоа е златник.

Зачудено го погледнал златникот и погледнал околу себе, па го набљудувал златникот некое време. Повторно се свртел на сите страни, но не видел никого. Го ставил златникот во џеб и продолжил да го облекува другиот чевел. Но, неговото изненадување било уште поголемо кога и во него нашол златник. Одеднаш емоциите го совладале. Се фрлил на колена, ја подигнал главата кон небото и гласно почнал да кажува молитва во знак на благодарност.

Зборувал за неговата болна и беспомошна жена и неговите деца кои немале што да јадат, а благодарение на невидливата рака која му ги испратила парите, тие ќе бидат спасени.

Студентот бил длабоко трогнат и очите му се насолзиле. Професорот го прашал:

„Дали би бил посреќен кога би се пошегувал со овој селанец, наместо да му ги подариш златниците?“

Младичот му одговорил:

„Ме научивте лекција која никогаш нема да ја заборавам. Сега навистина ги разбирам оние зборови кои претходно не можев да ги сфатам: Поблагoсловен е оној кој подарува, отколку оној кој добива!“


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар