Престанете да чекате и почнете да дејствувате!

Престанете да чекате и почнете да дејствувате!

Сигурно сте ја чуле изреката дека „Живото е тоа што се случува додека сте зафатени со правење планови“.

Ви се случува ли често да гледате низ прозорец и меланхолично да ги следите капките дожд како се разлеваат по стаклото додека размислувате дека светот е едно бескрајно здодевно место за живеење?

Се будите наутро и ѕиркате низ прозорецот со надеж дека денес сонцето конечно ќе заблеска посилно од вообичаено. А тоа само ве заслепува со неговите зраци, дури и ви се чини дека ви се потсмева. Ниту тој ден не е ништо поразличен од претходните.

Престанете да чекате и почнете да дејствувате

И продолжувате да чекате да помине и тој ден, и таа недела, месец, година… Сѐ додека не почувствувате дека животот заминува во неповрат, а вие уште стоите во место и го чекате правиот момент за да почнете да уживате во него и да живеете во целост.

Забележувате како несвесно, по навика чекате сѐ да помине и тоа ви дава чувство на разочарување и умор. Се прашувате кога конечно ќе започне вашиот вистински живот. Оние прекрасни, незаборавни моменти за кои вреди да се проголтаат сите солзи, навреди, целата таа насобрана горчина и потоа самоуверено да погледнете пред вас.

Како да сте ја заборавиле вашата основна цел и само чекате. Чекате „нешто“, а притоа заборавате што навистина сакате и што навистина вреди. Но, додека вие чекате да ви се случи нешто „големо, интересно, важно“, ја пропуштате вистинската убавина околу вас. Ја пропуштате суштината.

Ги пропуштате малите работи кои ги исполнуваат деновите. Ги пропуштате насмевките, погледите, изгрејсонцето и зајдисонцето, љубовта и емоциите…

Додека се стремите кон тоа да ја дочекате иднината, вие ја пропуштате сегашноста. Го пропуштате „денес“ затоа што се надевате дека ќе почнете да живеете „утре“.

Додека гледате низ прозорецот и меланхолично ги следите капките дожд како се разлеваат по стаклото, додека стоите задлабочени во мислите, чекајќи ги сончевите зраци да блеснат, животниот часовник тивко продолжува да работи, но и да ги одбројува вашите изгубени минути.

Полека, но сигурно и неповратно исчезнува вашиот живот претворајќи се во минато. Вашето минато. И без да забележите како е можно тоа да се случи, еден ден ужаснати ќе заклучите дека вашиот живот поминал, а не сте стигнале да уживате во него.

Не чекајте да дојде тој ден, направете го сегашниот ден поинаков. Запрете го дождот, растерајте ги облаците и створете си ваше сопствено сонце. Престанете да чекате. Направете нешто од вашиот живот. Бидете креаторот на сопствената среќа. Не чекајте среќата да дојде по вас. Спријателете се со животниот часовник. Самоуверено земете го во свои раце и станете господар на вашиот живот. Живејте го животот! Живејте го денес! Живејте го сега! Живејте го во овој момент!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар