Прекрасна јапонска легенда: Приказната за црвениот конец на судбината
Уште од самиот почеток луѓето се прашувале и сѐ уште се прашуваат за значењето на животот. Во сите агли на светот потрагата за крајниот одговор покренала разни филозофски предавања и неверојатни, волшебни легенди. Во тој контекст, прочитајте ја приказната за црвениот конец. Со потекло од Јапонија, оваа легенда ги објаснува животните мистерии на начин кој многумина го сметаат за романтичен, па дури и веројатен. Доколку судбината како ентитет навистина постои, тогаш да се надеваме дека функционира токму така како што е опишана овде.
Затворете ги очите и замислете дека вашето тело е транспарентно. Можете ли да си ги претставите комплексните мрежи на крвни садови кои ги поврзуваат сите делови на вашиот организам? Нашето постоење се должи на овие испреплетени линии. Сега, замислете го оној посебен канал во системот кој ги спојува вашето срце со вашето мало прсте. Формиран од улнарната артерија, овој канал го прави вашиот најмалку забележлив прст вистински претставник на срцето. Поради оваа причина, во многу култури во светот, се вели дека кога двајца треба да се смират или да направат завет, тоа го прават со своите мали прсти.
Според јапонската легенда, овој канал кој произлегува од срцето не завршува на врвот од малото прсте, туку продолжува во еден невидлив црвен конец кој лебди во воздухот и се поврзува со црвените конци на другите луѓе – поврзувајќи го вашето срце со нивното. Двајца кои се поврзани на овој начин се всушност поврзани од судбината. Порано или подоцна, ним им е судено да се сретнат, независно колку се оддалечени еден од друг или колку нивните животи се разликуваат. Конецот понекогаш може да се истегне и да се заплетка, што може да ја отежни судбоносната средба, но оваа поврзаност никогаш нема да се скрши.
Ваквата гледна точка на животот и врските ја создала холистичката филозофија во која се вели дека главната есенција и важност во и на животот не е ограничена со нашата физичка форма. Холистите тврдат дека ние сме едно со универзумот и го гледаат црвениот конец како еден од начините на кои може да се разбере тоа единство. Сте помислиле ли некогаш: „Оваа личност постои во мојот живот со причина?“ Според холистичките ставови, вие сте во право и можеби судбината веќе ве довела до оној момент кога можете да правите промени во туѓите животи.
Оваа филозофија аргументира дека, иако сѐ уште не го разбираме тоа, нашите животи се движат во една предодредена насока, предводени од невидливите конци кои се вткаени во материјалот на самиот универзум. И, како што поминува времето, така црвениот конец кој нѐ поврзува со нашите далечни сродни души станува сѐ пократок и пократок. Затоа, Јапонците велат:
„Нашиот свет е преполн со пречки и предизвици, но ништо не се случува без причина.“