Пред и после Фотошоп: Манекенка јавно се побуни за обработена фотографија од нејзиното тело
Австралијката Меган Каусман на својот Инстаграм профил објави оригинална фотографија од неодамнешното фотоснимање со што се спротивстави на моменталниот Фотошоп тренд.
Оваа 23-годишна девојка се гордее со своето тело, без разлика на трендовите во модната и шоу-биз индустријата. Во соработка со фотографката Пип Самервил, таа одработила необично снимање под вода во костим за капење од брендот „Fella Swim“. Но, на големо изненадување, производителот, без претходно одобрување го истанчил нејзиното тело во Фотошоп со цел да ја направат „поатрактивна“ и обработената фотографија ја поставиле на Инстаграм.
Производителот кој стои зад брендот „Fella Swim“ го донирале костимот за капење за снимањето под вода, но не ѝ платиле ниту на фотографката, ниту на моделот. По ужасните коментари на социјалните мрежи и во медиумите, тие брзо ја отстраниле спорната фотографија од својот профил.
Меган пак, на својот профил ги поставила двете фотографии, а разликата е очигледна.
„Драстично ми го смениле изгледот, ми го намалиле стомакот, сѐ со цел да се вклопам во денешната културна формула за идеална убавина“, вели Меган.
„Тоа е моето тело. Одбивам да стојам настрана и да дозволам која било компанија или личност да пропагира убедување дека ‘послабото е подобро’. Сите жени се убави, и секоја има свој облик и големина. Не е во ред да се менува изгледот на женското тело за да изгледа послабо. Никогаш!“ – напишала Меган под фотографиите.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.