Пред 6.000 години дождовно подрачје, а денес сува пустина: Што навистина се случило со Сахара?
Дали можете да замислите дека на местото на едно од најсушните делови на Земјата, некогаш имало прашума со бујна вегетација и обилни дождови? Научниците се обиделе да одговорат на прашањето како дошло до овие драстични промени.
Пред помалку од 6.000 години, големата пустина Сахара била покриена со трева и имало големи врнежи, но временските промени го трансформирале ова вегетативно подрачје во едно од најсушните области во светот. Научниците од Универзитетот во Тексас А&M се обиделе да откријат траги што се одговорни за оваа голема климатска промена, а откривањата може да помогнат во подобро предвидување на врнежите во светот. Професорите Роберт Корти (професор на одделот за атмосферски науки) и Вилијам Буз (од универзитетот Јејл), објавиле еден труд во списанието „Nature Geoscience“, каде што тие ги истражувале климатските промени од холоценската епоха и ги споредувале со денешните движења во тропскиот појас со интензивни тропски дождови. Со помош на компјутерски модели и други податоци, научниците откриле поврзаност со врнежите илјадници години наназад.
„Појасот на тропски дождови е поврзан со временските прогнози во светот низ тропската циркулација Хедли која постои во појасот на екваторот, но тоа не значи дека може да се предвидуваат промените на времето директно на некоја друга локација, туку дека може да ни помогне во усовршувањето на еден таков модел“, изјавил Корти.
Хедли е поврзана со суптропските ветрови, тропските дождови и влијае на силните бури и урагани, а таму каде што нејзиното влијание слабее, создава услови за пустина и токму тоа е случајот со Сахара. Промените во орбитата на Земјата го поместиле дождовниот појас во северна Африка.
„Знаеме дека 6.000 години наназад на местото каде што денес е пустината Сахара, имало дождовно подрачје“, вели Корти.
Тие откриле дека големите миграции на дожд може да се појават во еден дел на планетата без поместување на тој појас, што може да помогне и во предвидување на деталните промени на тропските појави за време на атмосферскиот феномен денес, Ел Нињо. Овие сознанија би можеле да помогнат и во подобро и попрецизно прогнозирање на времето, односно дождовните периоди на Земјата.