Поучна приказна за едно гордо момче што ќе ве наведе на размислување
Претераната гордост и егоизмот се негативни особини кои се штетни не само за околината, туку и за самиот човек кој ги поседува. Тие се главните виновници за распаднатите пријателства, уништените љубовни врски и нарушените односи помеѓу членовите од семејството. Следнава поучна приказна ќе ви докаже дека понекогаш добро е да си ја погазите гордоста, бидејќи само на тој начин ќе успеете да ги сочувате суштинските човечки вредности…
Си бил некој мудрец кој имал многу ученици, меѓу кои и едно богато, но гордо момче. Момчето било подготвено за само еден единствен навредлив збор да се бори до крв. Со цел да го излечи од гордоста и импулсивноста, мудрецот му ја дал следнава задача: 3 години да патува низ светот и да им дава пари на сите луѓе кои би сакале да го навредат со зборови.
Младиот човек ја прифатил задачата и тргнал на пат околу светот. Патувал и им давал пари на сите оние кои се согласиле да го навредат. Кога поминале 3 години, тој се вратил кај својот учител.
Пред портите го пресретнал чуварот кој одеднаш го нападнал и почнал да го навредува. Момчето слатко се изнасмеало. Чуварот се изненадил од таквата реакција и зачудено го прашал:
„Зошто се смееш?“
„3 години им плаќам на луѓето кои барем малку би ме навредиле, а еве ти бесплатно ме навреди најмногу од сите досега!“, му одговорило момчето.
Кога мудрецот видел дека неговиот ученик си ја научил лекцијата, многу се израдувал и го пофалил пред сите.
Доколку ви се допадна оваа приказна, прочитајте ја и следнава поучна приказна која ќе ве убеди дека секое лошо носи и нешто добро.