Поучна приказна за драгоценоста на животот: Непожелна гостинка

Поучна приказна за драгоценоста на животот: Непожелна гостинка

Многумина не знаат да го ценат животот на луѓето во нивниот живот додека не се соочат со неговата минливост. Дури тогаш сфаќаат колкава била неговата вредност. Стануваат свесни дека многу зборови останале неизговорени, многу чувства останале неискажани и многу работи останале ненаправени. Прочитајте ја оваа поучна приказна која ќе ве потсети дека треба да ги цените луѓето во вашиот живот и дека треба да го искористите максимално секој момент поминат со нив…

Поучна приказна за драгоценоста на животот: Непожелна гостинка

Еден ден, некој заѕвонил на вратата кај еден постар господин.

„Пречам ли?“, прашала гостинката.

„Како можеш да не пречиш штом си дошла ненајавена на посета?“, одговорил господинот.

„Знам дека моето присуство не е пожелно, но што ми преостанува освен да заѕвонам, да тропнам и да соопштам дека е време. Еден од вас, тебе или твојата сопруга, морам да земам со себе. Ти одлучи.“

„Слушај, пријателке. Јас премногу ја сакам мојата сопруга, а таа многу му се радува на животот. Ако некој мора да отиде, земи ме мене“, решително кажал господинот.

„Зборуваш без да размислиш како што треба. Одлуката не е толку едноставна. Тој што си оди е во предност. Се ослободил од сите земски проблеми. Сѐ што те мачи денес, борбата за живот, караницата со соседот, парите што си ги позајмил а не си ги вратил, стравот од болести… сето тоа ќе исчезне со твоето заминување“, му објаснила гостинката.

„Ти така гледаш на тоа. Твоја задача е да го утешиш човекот што ќе го однесеш. Што се однесува до мене, ако си заминам пред жена ми, нема да бидам во предност, бидејќи ја сакам“, упорно тврдел господинот.

Гостинката го погледнала и му рекла:

„Токму затоа што ја сакаш, размисли уште еднаш. Кога се работи за среќен брак како вашиот, каде сте живееле заедно 45 години, сте се грижеле еден за друг, сѐ сте делеле, оној кој ќе остане ќе биде поповреден од оној кој ќе замине. Не ми веруваш? Размисли како ќе изгледа животот на твојата сопруга. Нејзиното срце ќе биде скршено поради твоето заминување. Ќе мора да живее со тоа. Заедничките проблеми ќе паднат само на нејзини рамена. Животот ќе ѝ биде тежок, ако не си покрај неа. Нема да има кој да ја теши, да ѝ ги избрише солзите, да ѝ го олесни страдањето. Со кого ќе ја сподели тагата? Сеќавањето на тебе многу ќе ја мачи. Ќе биде осамена. Вашите пријатели ќе се повлечат, бидејќи нема да знаат како да ја утешат. Твојата сопруга ќе седи осамена во фотелја, часовникот ќе отчукува, таа постојано ќе гледа на саат, но никој нема да дојде, ниту ти, ниту некој кој прашува за тебе како порано. Таа ќе седи мирно и ќе се сеќава на она што го пропуштила во животот. Ќе се сети дека никогаш не ти се заблагодарила за тоа што си се оженил со неа и си бил добар сопруг. Неизговорените љубовни зборови ќе ѝ тежат на душата како олово и ќе ја влечат надолу не давајќи ѝ да дише. Секоја минута ќе ѝ се чини како вечност. Ќе разговара со предметите околу неа, бидејќи нема да има кому да го отвори нејзиното срце. Ќе почне да лежи во кревет сѐ повеќе и повеќе. Зошто би станувала? Никој не ја чека… Навистина сакаш да ѝ ја нанесеш таа болка?“

„Не! Не смее така да живее! Јас ја сакам повеќе одошто се сакам себеси. Попрво јас би живеел така јадно, а ти неа земи ја мирно. Спие горе. Земи ја нежно, за да не ја разбудиш. Нека ги отвори очите дури таму горе за да не прашува за мене“, извикал господинот.

Смртта се согласила и тргнала кон спалната соба каде што спиела жената.

„Не! Остави ми ја или земи ме мене! Не би можел да поднесам никогаш повеќе да не го чујам нејзиниот глас, нејзините чекори во куќата. Не можам да седам сам на маса, не можам да лежам во кревет, а да не го слушам нејзиното дишење. Што ќе ми е животот без неа: Без нејзиното клацкање во омилената фотелја, без нејзиниот капут на закачалката, без секоја кошула што земам од шкафот, а таа ја испрала и испеглала, без секој чорап што таа го сошила, без клупата во паркот каде што секогаш заедно седевме за да се одмориме од прошетката… Како ќе ги погледнам повторно овие предмети? Разумот ќе ми се помати од самата помисла на тоа што сѐ сум пропуштил и колку зборови останале неизговорени. Ќе се прашувам зошто толку многу сум читал весници и сум зјапал во телевизор, наместо да разговарам со неа, да се восхитувам на нејзината убавина. Ниту еднаш во изминативе години не сум ѝ се заблагодарил за тоа што е тука, за тоа што се омажи за мене. Никогаш не ѝ се заблагодарив за љубовта, трпението, насмевката со која ме дочекуваше. Сега знам дека зборовите „жена ми“ ,кои ги изговарав туку-така, се најубавите зборови во човечкиот јазик. Дозволи ми уште еднаш пред да ја земеш да појдам кај неа, дај ми три дена, три часа, да направам барем нешто од тоа што сум го пропуштал со децении…“, низ солзи молел господинот.

Гостинката се свртела и му одговорила:

„Само што погледнав во роковникот и открив дека сум го погрешила бројот на куќата. Вие двајца сте запишани неколку страници понатаму. Искористете го времето до тогаш, бидејќи кога ќе дојдам повторно, нема да ви подарам 3 дена. Нема да ви подарам ниту 3 минути за да го поправите она што сте го пропуштале сите овие 45 години.“

Гостинката си заминала а господинот истрчал во спалната соба, силно ја прегрнал сопругата и ѝ кажал колку многу ја сака.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар