Поучна приказна: Среќата ќе ја најдете таму каде што најмалку очекувате
Многу често сите си го поставуваме прашањето: Каде да најдам среќа? Обично мислиме дека за да бидеме среќни треба да ни се случи нешто големо, па среќата ја бараме во љубовните врски, големите постигнати успеси и остварените соништа. Но, дури и кога ќе оствариме сѐ што сме си замислиле, ние повторно не сме среќни бидејќи секогаш ни недостасува нешто. Не сме среќни затоа што ја бараме среќата на погрешните места. Оваа поучна приказна ќе ви помогне да сфатите дека среќата ќе ја најдете таму каде што најмалку сте очекувале…
Си бил еден крадец кој здогледал како еден човек купил голем дијамант. Решил да го следи, дури и купил билет за истиот воз како и човекот со дијамантот. Кога човекот заспал, крадецот го пребарал целото купе, но трудот бил залуден. Тој изгубил надеж и се откажал од својот план.
Кога возот пристигнал и човекот со дијамантот излегол од него, крадецот му се доближил и го прашал:
„Извинете, господине. Јас сум професионален крадец. Дадов сѐ од себе и ви ветувам дека нема да ви досадувам никогаш повеќе, но ве молам одговорете ми на едно прашање. Каде го сокривте дијамантот?“
Човекот на тоа одговорил:
„Те видов дека ме следиш и ми требаше долго време за да се сетам каде да го скријам дијамантот за да не можеш да го најдеш. На крајот, решив да го скријам во твојот џеб.“
Крадецот останал без зборови!
Дијамантот што го барате е секогаш блиску до вас. Тој се наоѓа токму пред вашите очи. Но, вие барате на погрешни места. Испразнете ги џебовите на вашиот ум. Барајте онаму каде што далечината не постои и каде што не треба да правите ништо.