Поучна приказна: Сè се враќа, сè се плаќа
Возејќи се накај дома, еден човек налетал на постара жена која стоела покрај патот. Дури и покрај слабата осветленост, тој можел да забележи дека ѝ е потребна помош. Токму затоа застанал пред нејзиниот автомобил и излегол надвор.
Дури и покрај насмевката на нејзиното лице, таа сепак била загрижена. Никој со часови не застанал да ѝ помогне, па затоа и веднаш почнала да се запрашува дали овој човек можеби ќе ја повреди. Тој не изгледал безбедно, изгледал сиромашно и гладно. Но, тој брзо забележал дека таа е исплашена, стоејќи на ладното и веднаш го препознал чувството, па токму затоа ѝ рекол:
„Госпоѓо, јас дојдов да ви помогнам. Зошто не почекате во автомобилот каде што е топло? Инаку се викам Дамјан.“
Таа имала само дупната гума, но за стара жена како неа, тоа е нешто навистина лошо. Дамјан го започнал процесот за менување гума, притоа изгребувајќи си ги неколку пати дланките. Како што поминувало времето, така тој станувал сè понечист и рацете сè повеќе го болеле. Во еден момент, кога тој бил при крај со работата, таа го отворила прозорецот и почнала да му зборува. Му кажала дека е од Скопје и дека само поминувала од тука. Исто така постојано му се заблагодарувала за помошта.
Дамјан се насмевнал кога завршил со промената на гумата. Постарата жена го прашала колку му должи, сакајќи да се сложи за која било сума пари, бидејќи веќе почнала да си ги замислува сите оние застрашувачки нешта кои можеле да ѝ се случат доколку тој не застанел. Но, тој воопшто не побарал пари. Ова не било работа за него, туку помош на личност во неволја. Дамјан цел живот го поминал во помагање на другите луѓе и воопшто не ни помислувал да се однесува на друг начин. Токму затоа ѝ кажал дека ако навистина сака да му возврати, тоа може да го стори така што ќе ѝ помогне на некоја друга личност кога ќе биде во неволја. „И помисли на мене“, додал тој. Во тој момент тие се разделиле и секој тргнал по својот пат.
Неколку километри подолу жената налетала на едно мало кафуле. Таа влегла внатре за да вечера и да се одмори малку пред да се врати на патот кон дома. Тоа бил мал ресторан зад бензинска пумпа каде што таа не била никогаш претходно. Откако седнала на својата маса, една келнерка ѝ пристапила со чист пешкир за да ја избрише нејзината мокра коса. Таа имала слатка и голема насмевка која дури ни напорната работа не може да ја избрише. Не ѝ требало долго време на старицата да забележи дека келнерката е скоро 8 месеци бремена. Токму затоа и се запрашала како е можно некој со толку малку, да дава толку многу на тотален странец. Тогаш се потсетила и на Дамјан.
Откако жената завршила со својот оброк, таа ѝ платила на келнерката со 100 евра. Келнерката набрзина отишла да ѝ донесе кусур, но кога се вратила старицата веќе ја немало. На масата каде што таа седела имало салфетка со порака. Во нејзините очи веднаш се појавиле солзи откако таа прочитала што ѝ напишала постарата жена:
„Не ми должиш ништо. И јас сум била во таква ситуација. Некој ми помогна исто како што јас сега ти помагам тебе и ако навистина сакаш да ми возвратиш, не дозволувај овој синџир од љубов да прекине со тебе.“
Под салфетката имало уште 4 банкноти од по 100 евра. И покрај напорната работа, келнерката успеала да го преживее и овој ден. Доцна вечерта кога конечно пристигнала дома, таа легнала во својот кревет размислувајќи за парите и за она што ѝ го напишала старицата. Како е можно да знаела точно колку пари им требале на неа и нејзиниот сопруг? Со бебето кое ќе се родело наредниот месец, нештата ќе станеле многу тешки… Таа добро знаела колку е загрижен нејзиниот сопруг, па токму затоа се свртела кон него, го бакнала нежно и му рекла:
„Сè ќе биде во ред. Те сакам Дамјан.“