Поучна приказна: Ружа за мајка
Еден човек застанал покрај цвеќара за да порача цвеќиња за неговата мајка. Таа живеела околу 300 километри оддалечена од него, па токму затоа и сакал од цвеќарата да ѝ ги достават. Но, само што излегол од неговиот автомобил веднаш забележал како мало девојче седи покрај цвеќарата и плаче. Кога ја прашал што се случило, таа му одговорила, „Сакав да ѝ купам црвена ружа на мојата мајка, но немам доволно пари.“
Мажот се насмевнал и рекол, „Дојди со мене, јас ќе ја купам ружата.“ Тие влегле во цвеќарата и тој побарал една ружа за девојчето и порачал букет за неговата мајка, оставајќи ја нејзината адреса. Кога излегле од таму, тој се понудил да го одвезе девојчето дома. „Да, те молам. Може да ме однесеш кај мојата мајка“, му рекла таа. Но, наместо дома, таа го одвела на гробишта, каде што ја поставила ружата покрај една нова надгробна плоча.
Откако го видел тоа, мажот се вратил во цвеќарата, ја откажал нарачката, купил веднаш еден букет и отишол кај неговата мајка за лично да ѝ ги даде цвеќињата.
Поука: Животот е краток. Поминувајте колку што е можно повеќе време сакајќи ги и грижејќи се за вашите најблиски. Уживајте во секој момент со нив пред да биде доцна. Не постои ништо поважно од семејството.