Поучна приказна: Оганот на пријателството
Вистинските пријатели се неопходни за среќен и исполнет живот. Но, за жал, не можеме да знаеме кои се тие сѐ додека не се соочиме со некаков проблем или тешка ситуација. Само во тие моменти можеме да дознаеме кои се луѓето на кои секогаш можеме да сметаме и кои се подготвени да ни пружат безусловна поддршка и помош. Прочитајте ја оваа поучна приказна која ќе ви ја врати вербата во вистинското пријателство…
Некогаш порано, си живеел еден многу сиромашен, но храбар човек по име Алек. Тој работел за богат трговец. Една зимска вечер, неговиот шеф му рекол:
„Никој не може да помине ваква студена ноќ на врвот на планината без ќебе и храна. Знам дека тебе ти требаат пари, така што ако успееш во тоа ќе добиеш голема награда. Во спротивно 30 дена ќе работиш за без пари.“
„Утре ќе се обидам“, одговорил Алек.
Но, кога излегол од продавницата, замрзнал од ледениот ветар, се исплашил и решил да се посоветува со неговиот најдобар пријател и да го праша дали е лудост да прифати таква кладба. По кратко размислување, пријателот му одговорил:
„Јас ќе ти помогнам. Утре кога ќе стигнеш на планинскиот врв, погледни пред себе, јас ќе бидам на соседната планина. Ќе запалам оган за тебе и таму ќе ја поминам ноќта. Ти гледај во оганот и мисли на нашето пријателство. Тоа ќе те згрее. Ќе успееш, а потоа ќе ти побарам нешто за возврат.“
Алек го издржал предизвикот, ја добил кладбата и отишол кај неговиот пријател.
„Ми рече дека сакаш нешто за возврат“, му рекол и му понудил дел од парите.
Пријателот го прегрнал и му одговорил:
„Да, но не пари. Вети ми дека ако некогаш во мојот живот дувне студен ветар, ќе го запалиш оганот на пријателството за мене.“
Алек се насмевнал и се уверил во лојалноста на неговиот пријател, кој навистина бил тука за него во секое добро и зло.