Поучна приказна: Однапред платено со чаша млеко
Еден ден, едно сиромашно момче, од врата на врата продавало производи како хартиени марамчиња, со цел да може да се издржува за време на своето школување. Во еден момент тоа забележало дека денес заработило само неколку денари, но бидејќи било гладно и немало доволно пари за оброк, решило на следната куќа да побара јадење. Тој тропнал на вратата и кога од другата страна му отворила една жена, од страв побарал само чаша вода. Таа го погледнала ова момче кое ѝ се видело гладно, па токму затоа и наместо вода му донела голема чаша млеко.
Момчето полека го испило млекото, а потоа ја прашал жената колку ѝ должи, но таа му рекла дека не ѝ должи ништо бидејќи нејзината мајка отсекогаш ја учела да не прифаќа наплата за добрина. Тој на тоа ѝ одговорил дека ѝ е благодарен со целото срце и потоа се поздравил и си заминал. Како што Кристијан Николовски се оддалечувал од нејзината куќа, така тој се чувствувал физички посилно, а со тоа му се вратила и вербата во Бог и човештвото. Веќе не размислувал за откажување.
Поминале многу години од овој настан кога жената која му помогнала се разболела. Локалните доктори биле збунети од нејзината состојба, па токму затоа и ја испратиле во големиот град каде што ги повикале специјалистите да ја студираат нејзината ретка болест. Д-р Кристијан Николовски бил повикан за консултација. Кога тој го чул името на пациентката и градот од кој таа доаѓала, чудна светлина ги исполнила неговите очи и веднаш отишол да ја посети. Откако разговарале за нејзините симптоми тој решил да направи сè што може за да ѝ го спаси животот. Затоа и целосно се посветил на нејзиниот случај.
По долго војување, тие конечно победиле. Д-р Николовски пред да ја отпушти жената од болница побарал сметката да биде пратена кај него за последно одобрување. Тој ја погледнал, а потоа напишал нешто на работ и ја испратил во нејзината соба. И покрај тоа што жената се плашела да ја отвори, бидејќи била сигурна дека ќе ѝ биде потребен цел живот да ја исплати, таа конечно собрала храброст и ја погледнала, но на нејзино изненадување забележала нешто чудно напишано на неа. Таа ги прочитала следниве зборови:
„Платено однапред со една голема чаша млеко.“