Поучна приказна: Не се надевајте, одлучете!
Додека ја чекала својата пријателка на аеродром, една жена во нејзина близина забележала мајка со 3 деца. Не многу подалеку од нив видела и човек кој се туркал во гужвата, влечејќи куфер зад себе. Тој застанал веднаш до неа со цел да го поздрави своето семејство.
Најпрво го прегрнал својот најмал син, кој имал околу 6 години. „Мило ми е што те гледам, сине. Ми недостасуваше многу!“ – му рекол тој. Неговиот син се насмевнал срамежливо и му одговорил нежно: „И ти ми недостасуваше мене, тато.“ Тогаш мажот се исправил и го погледнал својот најстар син во очи, кој имал околу 9 години. „Ти си веќе млад маж. Многу те сакам!“ Откако го кажал тоа, го прегрнал и него.
Додека сè ова се случувало, неговата ќерка која имала само 1 година без да трепне го набљудувала татко си и возбудено се радувала во рацете на нејзината мајка, очекувајќи во секој момент да се насочи и кон неа. „Здраво, мала!“ – ѝ рекол тој додека нежно ја земал од рацете на својата сопруга, а потоа ја бакнал. Таа брзо се смирила и ја допрела нејзината глава врз неговото рамо.
По неколку моменти, тој му ја подал својата ќерка на најстариот син, велејќи: „Го чував најдоброто за крај!“ и потоа страсно ја бакнал својата сопруга. „Те сакам многу“, ѝ рекол тој додека ја гледал директно во нејзините очи.
Жената која ги набљудувала, почнала да се запрашува колку време се тие заедно бидејќи на прв поглед ѝ делувало како да се младенци. Имајќи го во предвид фактот што тие веќе имаат 3 деца, тоа сигурно не било вистина. Токму затоа и без да планира од нејзините усни излетале зборовите: „Прекрасно. Колку долго сте во брак?“
Мажот без да го тргне погледот од својата сопруга ѝ одговорил дека биле заедно 14 години, од кои 12 во брак. Жената потоа го прашала колку долго време не се виделе, а тој изненадено и со насмевка ѝ рекол: „Долги 2 дена!“
Откако го чула тоа, жената останала без зборови. Со оглед на интензитетот на нивниот поздрав, таа претпоставувала дека тие не се виделе барем неколку недели, ако не и месеци. Токму затоа и тивко проговорила: „Се надевам дека и мојот брак ќе биде олку страстен по 12 години.“
Мажот одеднаш престанал да се смее и ја погледнал директно во очите, со поглед кој допрел до нејзината душа и ѝ рекол нешто што ѝ го променило целиот живот. Тој ѝ кажал: „Не се надевај… одлучи!“