Поучна приказна: Колку пати сте изеле туѓо колаче?
Една девојка додека го чекала својот авион решила да купи книга со цел времето побрзо да ѝ помине. Таа застанала покрај еден киоск на аеродромот и покрај книгата, купила и кутија со колачиња, а потоа се насочила кон една од попразните чекалници со цел никој да не ја вознемирува.
На местото покрај неа се наоѓале колачињата, а веднаш до нив седел еден господин кој читал новини. Кога таа почнала да се служи со колачињата и човекот крај неа го направил истото. Таа се изненадила, но не рекла ништо и продолжила да ја чита книгата, додека во себе си помислила дека ако има повеќе храброст, сигурно веќе би го удрила…
Но, тој не застанал после првото колаче. Секој пат кога таа земала едно, и тој го правел истото, без да каже ниту еден збор. Тоа се случувало сè додека во кутијата не останало само уште едно колаче. Девојката љубопитно се запрашала што ќе направи следно човекот, но никогаш не очекувала дека тој ќе го земе последното колаче и ќе го подели на два дела.
„Ова е веќе премногу“, помислила девојката во себе и шокирана ги зела книгата, чантата и куферот и набрзина излегла од чекалницата. Кога малку се смирила и се почувствувала подобро, таа седнала на едно место каде што немало никој друг со цел да избегне слични непријатни настани. Таа ја затворила својата книга и ја ставила во чантата. Во истиот момент ја забележала кутијата со колачиња која сè уште не била отворена.
Девојката веднаш се засрамила поради своето однесување и се почувствувала како крадец бидејќи колачињата кои ги јадела всушност биле на господинот до неа, а не нејзините. Но тој, за разлика од неа, без лутина, нервоза или препотенција го споделил дури и последното колаче со неа – сосема спротивно од нејзината реакција!
Колку пати во животот сте изеле туѓо колаче, без воопшто да го дознаете тоа? Имајте ја оваа приказна на ум следен пат кога ќе дојдете до брз заклучок и ќе почнете да размислувате лошо без да обрнете внимание на деталите. Многу често нештата не се онакви какви што изгледаат на прв поглед.
И за крај, никогаш не заборавајте – во животот постојат 5 нешта кои никогаш не можете да ги вратите:
- Фрлениот камен
- Изговорениот збор
- Изгубената можност
- Поминатото време
- Љубовта за која не сте се бореле