Поучна приказна: Кога вистината ќе ви тропне на врата…
Понекогаш за да ни се разјаснат нештата потребно е за момент да го тргнеме погледот од нив. Во контекст на ова, Буда раскажал една приказна поврзана со откривањето на вистината…
Млад вдовец, кој многу го сакал својот петгодишен син, бил на службено патување кога арамии влегле во неговото село, го запалиле и му го киднапирале детето. Кога човекот се вратил дома, видел само урнатини и го фатила паника. Во урнатините видел тело од изгорено детенце и веднаш помислил дека тоа е неговиот син, па почнал да ја кубе косата, да се удира по градите и неконтролирано да плаче.
Организирал церемонија за кремирање, ја собрал пепелта и ја ставил во убава, розова вреќичка. Што и да правел, без разлика дали спиел, јадел или работел, секогаш вреќичката со пепел ја носел со себе.
Еден ден неговиот вистински син побегнал од арамиите и го нашол патот до дома. На полноќ стигнал пред вратата од новата куќа на неговиот татко и затропал. Таткото и во тоа време со себе ја имал вреќичката со пепел и плачел.
Таткото прашал: „Кој тропа?“ Синот одговорил: „Тато, јас сум. Отвори ја вратата, јас сум твојот син.“
Поради тешката состојба и агонијата во која се наоѓал, таткото помислил дека некој неранимајко си поигрува со него, па му рекол на детето да си оди и продолжил да плаче. Детето повторно и повторно чукало на вратата, но таткото одбивал да го пушти внатре. Поминало некое време и детето конечно си заминало.
После тоа, таткото и синот никогаш повторно не се виделе.
Откако ја раскажал оваа приказна, Буда рекол: „Понекогаш, може што било да прифатите како вистина. Ако премногу се држите за тоа, кога вистината навистина ќе се појави и ќе тропне на вашата врата, нема да ѝ отворите.“