Поучна приказна: Исполнување на ветеното
Уште од почетокот на нивната врска, родителите на девојката не се согласувале со нејзиниот избор на момче. Тие постојано ѝ велеле дека поради неговото семејство, доколку остане со него, таа цел живот ќе пати.
Поради притисокот кој го доживувала од своите родители, таа постојано се карала со нејзиното момче. Но, таа исто така и многу го сакала, па токму затоа и постојано го прашувала колку тој неа ја сака. Бидејќи никогаш не бил добар со зборови, тој често ја разлутувал со својот одговор. Па, покрај коментарите од родителите, нејзиното расположение секојдневно се влошувало и со тек на време момчето ѝ станало еден вид „вентил“ за истурање на нервозите. Тој, разбирајќи ја нејзината ситуација, тивко ѝ дозволувал таа да го исфрла својот гнев врз него.
Откако тој дипломирал планирал да продолжи со студиите во странство, па токму затоа и ја запросил девојката.
„Не знам како да кажувам убави зборови, но знам дека те сакам. Па, доколку се согласуваш, јас би сакал цел живот да се грижам за тебе. Што се однесува до твоите родители, ќе се обидам подобро да ги убедам дека јас сум добар за тебе.“
Таа се согласила. Но, исто и нејзините родители кога виделе колку тој се труди за неа.
Веднаш потоа тој отпатувал. Девојката останала во истиот град, каде што почнала со работа, додека тој студирал во странство и тие најдобро што можеле ја одржувале својата врска на далечина. И покрај тоа што им било тешко, ниту еден од нив не се откажал.
Еден ден, додека девојката се враќала од работа, имала сообраќајна несреќа поради која завршила во болница. Кога се разбудила, таа ги видела нејзините родители како плачат гледајќи во неа. Сакајќи да ги утеши, бидејќи е сè уште жива, таа се обидела да им зборува, но колку и да се трудела од неа не можело да излезе ниту еден збор. Повредата ја оставила нема. Со денови плачела тивко, обидувајќи се да ја прифати оваа голема промена…
Откако ја пуштиле од болница, сè се вратило по старо. Освен кога телефонот ѕвонел, што за неа било најлош кошмар. Секое ново ѕвонење само дополнително ја зголемувало нејзината болка бидејќи таа не можела повеќе да зборува со својот свршеник. Па, бидејќи не сакала да му биде товар, таа му напишала писмо објаснувајќи му дека не може повеќе да го чека и дека нивната врска дошла до крај. Таа дури и му го вратила свршеничкиот прстен.
Нејзиниот татко решил да се преселат откако сфатил колку многу таа пати. Па, надевајќи се дека на ново место ќе успее да започне нов и подобар живот, таа почнала да го учи јазикот на знаци со цел да може полесно да комуницира со оние околу неа. Кога момчето завршило со студиите, се вратило во нивниот град, но наместо неа, тој го нашол нејзиниот најдобар пријател на кој таа му кажала да му пренесе да ја заборави.
По една година, истиот тој пријател ѝ подал покана за свадба на момчето. Откако ја отворила оваа покана, со солзи во нејзините очи, таа забележала дека нејзиното име е напишано покрај неговото. Во истиот момент тој се појавил пред неа и со јазикот на знаците ѝ рекол:
„Поминав скоро година дена за да го научам јазикот на знаците, со цел да ти кажам дека не сум заборавил на нашето ветување. Дај ми шанса, јас можам да бидам твојот глас. Те сакам.“
Тој ѝ го подал повторно свршеничкиот прстен, а таа го прифатила и прв пат по подолго време се насмеала…