Поучна приказна: И кога љубовта ќе згасне, споменот останува засекогаш
На крајот од едно поле стојат Љубовта и Самотијата и набљудуваат млад заљубен пар. Самотијата ѝ вели на Љубовта: „Се кладам дека ќе ги разделам“, а Љубовта ѝ возвраќа: „Почекај малку, дај ми шанса да проверам само едно нешто кај нив, а после тоа може да одиш колку пати сакаш.“
Самотијата се сложила со тоа, а Љубовта им се приближила на заљубените, ги допрела, им погледнала во очите и го видела сјајот во нив. Кога се вратила назад ѝ рекла на Самотијата: „Ајде, сега тебе ти е редот.“ „Не“ – одговорила Самотијата, „сега ништо не можам да направам, сега нивните срца се исполнети со љубов. Ќе дојдам подоцна.“
Поминало некое време, па Самотијата навратила кај куќата на заљубениот пар и видела млад татко и млада мајка со новородено бебе. Самотијата се надевала дека дотогаш љубовта веќе ги напуштила и нестрпливо чекајќи го преминала нивниот праг, но кога погледнала во нивните очи видела само Благодарност.
Се свртила да си замине и рекла: „Ќе дојдам подоцна…“
Поминало уште време и Самотијата повторно се појавила пред нивната врата кога слушнала детски врисок. Таткото само што се вратил уморен од работа, а мајката ги заспивала децата. Самотијата повторно се понадевала дека овој пат ќе може да ги раздели: „Помина многу време, а Љубовта и Благодарноста досега би требало да ги имаат напуштено нивните срца.“ Но, погледнувајќи во нивните очи, таа сега ги нашла Разбирањето и Почитта.
„Ќе дојдам подоцна…“ – рекла таа и се свртила и си заминала.
Повторно поминало уште многу време и Самотијата по обичај уште еднаш се појавува пред домот на заљубениот пар. Овој пат, забележала дека нивните деца веќе биле пораснати. Стариот татко нешто им објаснувал на синовите, а мајката подготвувала вечера во кујната. Загледувајќи им се во очите, Самотијата уште еднаш останала разочарана бидејќи овој пат видела Доверба.
Поминало најмногу време дотогаш и Самотијата уште еднаш навратила во истиот дом. Сега забележала дека внуците заминуваат од куќата, а покрај каминот останува да седи растажена и немоќна старица. Самотијата погледнала и победливо рекла:
„Тоа е тоа, конечно дојде и моето време!“
Потоа уште еднаш ѝ погледнала на старицата во очи за да се увери, но во истиот момент, старицата станала и излегла од куќата. Самотијата тргнала по неа. Наскоро, некогашната млада девојка, а сега стара жена, стигнала до гробиштата и седнала покрај еден од гробовите – гробот на нејзиниот сопруг.
„Сепак, изгледа задоцнив.“ – рекла Самотијата – „Времето ја довршило мојата задача.“
Тек сега Самотијата се загледала во очите на расплаканата старица и во нив по прв пат го видела Споменот: Споменот на Љубовта, Благодарноста, Почитта, Разбирањето и Довербата.