Поучна приказна: Царот и бунарот
Некој моќен волшебник, кој сакал да уништи едно царство, истурил волшебна течност во бунарот од кој пиеле вода сите поданици. Секој што ќе ја пробал, полудувал.
До утредента сите жители на царството се напиле вода и полуделе, освен царот и неговото семејство, кои имале посебен бунар само за нив и до кој волшебникот не успеал да стигне. Загрижен, царот се обидел да го држи населението под контрола, воведувајќи цела низа безбедносни и хигиенски мерки; меѓутоа, и жандармите и надзорниците пиеле од затруената вода, па затоа им се чинело дека царевите одлуки немаат никаква смисла и решиле да не ги спроведуваат.
Кога жителите на царството дознале за новите закони, помислиле дека полудел нивниот владетел и почнал да издава бесмислени наредби. Разбеснета толпа го опколила дворецот и побарала од царот да се откаже од круната.
Царот, очаен, бил готов да се откаже од тронот, но кралицата го спречила со зборовите: „Ајде и ние сега веднаш да појдеме до бунарот и да се напиеме вода. Така ќе станеме исти како нив.“
Така и направиле: царот и царицата се напиле од водата на лудоста и веднаш почнале да зборуваат бесмислици. Нивните поданици в мигот се покајале: сега, кога царот зборува толку мудро, зошто да не го остават и натаму да управува со земјата?
И така царството продолжило да живее во мир, иако неговите жители се однесувале сосем поинаку од своите соседи, а царот управувал со земјата сè до крајот на својот живот.
(Извадок од „Вероника реши да умре“ од Пауло Коелјо)
Поука: Никој не е луд и сите се луди. Лудите се секогаш во малцинство. Мнозинството ги смета за луди оние што размислуваат поинаку, мислејќи дека тие се нормални само затоа што сите размислуваат и прават на ист начин. Во моментот кога лудиот ќе ја прифати филозофијата на мнозинството и ќе се претвори во просечен човек, тогаш тој станува нормален.
Прочитајте „Што е нормално денес“ според Коелјо, извадок од неговиот роман „Победникот останува сам“. Нека ве инспирира да ја преиспитате својата лудост и нормалност.