Постојат 4 видови далтонизам: Откријте дали и вие спаѓате во една од овие категории!
Далтонизмот е нарушување при кое луѓето не можат да ги гледаат боите онакви какви што се, а наречен е така според англискиот хемичар Џон Далтон, роден во 1766 година. Далтон и самиот имал проблеми со препознавањето на боите, исто како и неговиот брат. Тој прв опишал за какво нарушување станува збор, а истото може да се појави во неколку варијанти.
Видови слепила на бои:
Нормален вид: Начинот на кој повеќето луѓе ги гледаат боите.
Протонопија: Без способност за препознавање на боите од црвениот спектар. Само 1% од луѓето имаат ваков проблем со видот.
Деутеранопија: Слабо разликување на боите од зелениот спектар и тешкотии при разликување зелена и црвена боја. Овој вид слепило на бои е најчест, а некои луѓе не се ни свесни дека го имаат, туку веруваат дека она што го гледаат е нормално.
Тританопија: Се појавува кај оние на кои им е проблем да ги разликуваат боите од синиот спектар. Ова нарушување е многу ретко и го имаат само 0,0001% од мажите и жените.
Целосна неможност за распознавање бои: Овие луѓе го гледаат светот околу себе во црно-бели тонови. Ова нарушување е исклучително ретко и од него страда само 0,00003% од населението.
Се проценува дека во светот 8% од мажите и 0,5% од жените имаат едно од овие нарушувања.
Виновникот е ген во Х хромозомот
Далтонизмот најчесто е условен од полот, а за нарушувањето е одговорен ген во Х хромозомот, кој е заеднички и за жените и за мажите. Од далтонизам почесто заболуваат мажите, иако жените се најчести носители на тој ген. Мажите се повеќе изложени на ова нарушување, затоа што жените би морале да го примат „критичниот“ Х хромозом од двајцата родители, за да ја наследат болеста.
Дали постои лек?
Далтонизмот најчесто може да се дијагностицира уште и во детството. Постојат тестови спроведени од очни доктори со кои се утврдува перцепцијата на бои и разликувањето нијанси. Затоа, ако забележите дека вашето дете има одредени проблеми со разликување бои, одведете го на офталмолог. Најдобро е проблемот да се воочи што е можно порано, затоа што далтонизмот може да го отежни читањето, учењето и генерално самиот живот.
Дали секогаш проблемот е во гените?
Вродениот далтонизам не може да се поправи, но не мора секогаш да биде наследна болест. Всушност, далтонизмот во одредени случаи може да се развие и во текот на животот, а најчесто е предизвикан од повреди на окото, катаракта, глауком, несакани ефекти поврзани со некои лекови и друго. Со соодветното и навремено лекување на очните болести, ќе исчезне привременото слепило за бои.
Погледнете го и видеото и видете како луѓето со одреден вид далтонизам го гледаат светот околу себе.
Дали вашиот вид е добар или имате некаков проблем при гледањето? Погледнете ги овие неколку тестови со чија помош би можеле да откриете дали е потребно да посетите офталмолог.