Постои вистинско време за сè: Која е најдобрата возраст за разни активности?
Која е најдобрата возраст за разни активности, како што се учење странски јазик, трчање маратон, основање семејство? Кога вашите мускули се најсилни? Кога најпрецизно можете да ги читате туѓите емоции? Научните истражувања откриваат на која возраст најмногу се истакнувате во различни вештини. Исто како виното, некои човечки способности се подобруваат со текот на годините.
Која возраст е најдобра за активности како што е учењето странски јазик?
Според истражувањето направено во 1989 година од страна на Жаклин Џонсон и Елис Њупорт, врвот на способноста за учење странски јазик се достигнува на осумгодишна возраст. До оваа возраст, децата можат да научат странски јазик без акцент и целосно да ја совладаат граматиката. По таа возраст, се намалува можноста за препознавање и репродукција на гласовите што ги нема во мајчиниот јазик. Исто така, можно е да се научат еден или повеќе странски јазици и на подоцнежна возраст, но со многу поголем труд.
Кога најдобро паметите имиња и лица?
Повеќето луѓе тврдат дека за време на првата средба го заборавиле името на личноста со којашто штотуку се запознале. Некои луѓе се снаоѓаат со употреба на зборови како што се колега, земјак, сосед, пријател итн., додека други искрено признаваат дека го заборавиле името. Едно истражување од 2010 година открило дека имињата на новите познајници најдобро се запомнуваат на 22-годишна возраст. Од друга страна, способноста за запомнување и за препознавање нови лица е најсилна на 32-годишна возраст.
Кога жените се најпривлечни?
Мажите најмногу ги сакаат жените што се во првата половина на дваесеттите години, додека женскиот вкус за мажи се менува. Додека мажите од сите возрасти за најатрактивни ги сметаат жените на возраст помеѓу 20 и 25 години, жените во дваесеттите години најмногу претпочитаат мажи што се една или две години постари, а жените во триесеттите години се склони кон малку помлади мажи од нив.
На која возраст сте најзадоволни?
Истражувачите откриле два периоди во кои задоволството од животот е најголемо. Според истражувањето во кое учествувале 23.000 германски државјани, првиот врв на задоволство го достигнувате на 23-годишна возраст. Потоа, постои пад на задоволството во средната возраст и во раната старост, но повторно значително се зголемува на 69 години. Истражувањата исто така откриле дека луѓето на возраст помеѓу 55 и 60 години мислат дека ќе бидат помалку задоволни во шеесеттите години отколку што навистина се кога ќе влезат во тие години.
Кога мускулите и коските се најсилни за разни активности?
Мускулите го достигнуваат својот врв на сила на околу 25-годишна возраст и остануваат приближно на тоа ниво до 35 или 40 години, а може да се одржат силни и подолго со соодветни вежби. Коскената маса расте до 30 години и тогаш коските се најсилни и најгусти. Внесувањето калциум и витамин Д преку додатоци во исхраната или преку сончање ги одржува коските поздрави, но тие сепак постепено ќе ослабуваат.
Кога најмногу сакате да основате семејство?
Желбата да основате семејство е најголема на 26 години. До оваа возраст, веќе се имате запознаено со доволно луѓе и развивате интерес за некого со кого би сакале да поминете повеќе години заедно. Истражувањата покажуваат дека стапката на развод е најниска кај партнерите кои стапиле во брак на возраст помеѓу 28 и 32 години.
Кога најпрецизно ги препознавате туѓите емоции?
За ова е потребно искуство. Едно американско истражување во кое учествувале 10.000 луѓе барало од учесниците да погледнат во очите на личностите на фотографиите и да ја проценат емоцијата што навистина ја чувствувале луѓето кога биле фотографирани. Според резултатите, учесниците на 40-годишна возраст и постари се покажале како најуспешни во читањето емоции од очите.
Можеби ве интересира и што треба да читате според вашата возраст.