Порака која нема лесно да ја заборавите: Што имаме премногу, а што премалку?

Порака која нема лесно да ја заборавите: Што имаме премногу, а што премалку?

Џорџ Карлин (1937 – 2008) бил актер, автор, критичар и еден од најпознатите стендап комичари. Но, постои нешто сосема друго поради кое сите ние никогаш нема да го заборавиме. Прочитајте ја оваа неверојатна порака која тој го напишал по смртта на неговата сопруга и потсетете се на важните нешта во животот.

Порака која нема лесно да ја заборавите: Што имаме премногу, а што премалку?

Парадоксот на нашето време е што имаме поголеми згради, но помали живци; патиштата се шират, но видикот се стеснува; трошиме повеќе, а имаме помалку; купуваме повеќе, а уживаме помалку. Имаме големи куќи, а мали семејства; поголема удобност, а помалку време; имаме повеќе дипломи, но помалку разум; повеќе знаење, а помалку расудување; повеќе експерти, но многу повеќе проблеми; поголемо медицинско знаење, а сè помалку здравје.

Пиеме премногу, пушиме премногу, трошиме непромислено, се смееме премалку, возиме пребрзо, лесно се лутиме, премногу лежиме, стануваме уморни, не читаме доволно, гледаме премногу ТВ. Ретко се молиме. Сме го зголемиле тоа што го поседуваме, но сме ги намалиле нашите вредности. Премногу зборуваме, премалку љубиме, пречесто мразиме. Сме научиле како да преживуваме, но не и како да живееме. Додаваме години на животот, но не и живот на годините.

Сме отпатувале до Месечината, а проблем ни е да преминеме улица и да го запознаеме новиот сосед. Благодарни сме на надворешниот простор, но не и на внатрешниот. Правиме големи, но не и подобри нешта. Го исчистивме воздухот, но ја загадивме душата. Го скршивме атомот, но не и нашите предрасуди. Повеќе пишуваме, но помалку учиме. Повеќе планираме, а помалку постигнуваме. Научивме да брзаме, но не и да чекаме. Имаме поголема заработка, но понизок морал. Имаме повеќе храна, а сè помалку сме благодарни. Градиме појаки компјутери со поголема меморија, но сè помалку и помалку разговараме. Тежнееме кон квантитет, а забораваме на квалитетот.

Живееме во време на брза исхрана и бавно варење на храната; на големи луѓе со мали карактери; на брза заработка и површни односи. Ова е време на мир во светот, а војна во домот. Многу слободно време, а малку уживање. Време на разновидна храна и лоша исхрана. Постојат сè помалку финансиски проблеми во бракот, но сè повеќе разводи; сè повеќе луксузни куќи, но и многу поделени домови; ова се денови на брзи патувања, оскудни облеки и низок морал. Постојат сè подебели луѓе и апчиња кои можат да направат сè – да те расположат, отапат или убијат.

Поминувајте што повеќе време со вашите сакани, бидејќи тие нема вечно да бидат покрај вас. Понекогаш кажете љубезни зборови на оние кои вас одоздола ве гледаат со стравопочит, бидејќи таа мала личност наскоро ќе израсне и ќе си отиде. Сетете се да дадете топла прегратка на оној покрај вас, бидејќи тоа е единственото богатство кое можете да го дадете со своето срце, а нема да ве чини ништо. Сетете се да кажете „Те сакам“ на вашиот партнер и на вашите најблиски, но најмногу од сè искрено мислете го тоа. Бакнежот и прегратката може да ја излечи раната, доколку доаѓа длабоко од срцето. Сетете се да се држите за рака и да ги цените моментите кога сте заедно, бидејќи еден ден оваа личност нема да биде тука. Најдете време да љубите, најдете време да разговарате и најдете време да ги поделите вашите драгоцени мисли со другите.

Смејте се често, долго и искрено. Смејте се сè додека не изгубите здив. Солзите доаѓаат. Издржете, тагувајте и преживејте. Кажувајте им на луѓето кои ги сакате дека ги сакате, во секоја прилика, бидејќи животот не се мери според бројот на вдишувања, туку според моментите кои ни го одземаат здивот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар