Популарни цитати од книги кои се извадени од контекст
Убавите и инспиративни цитати често се споделувани на социјалните мрежи, печатени на чаши или маички, но и употребувани во пригодни честитки. Единствениот проблем е што оние кои се најпопуларни, многу често се и погрешно користени, затоа што се целосно извадени од контекст. Низ сите популарни литературни дела може да се пронајдат прекрасни реченици кои инспирираат и воодушевуваат, а смислата ја добиваат само кога не се извадени од контекст, во спротивно се погрешно толкувани.
Ова се неколку од најпопуларните цитати од книги (и филмови снимени според книги) за кои веќе сме заборавиле како се вистински употребени:
1. Роберт Фрост – „Патот што не го одбрав“
Во слободен превод, популарниот извадок од поемата гласи:
„Два пата се разделија во шумата, а јас го одбрав оној по којшто помалку се оди. Тоа направи огромна разлика.“
Иако многумина го цитираат мислејќи дека го избрал вистинскиот пат, кој бил потежок, но донел поголемо задоволство, вистината е дека Фрост ја посветил поемата на својот пријател Едвард Томас, кој премногу време жалел за изборите што не ги направил. Идејата на Фрост била дека кој пат и да се одбере, животот ќе продолжи понатаму.
2. Маргарет Мичел – „Однесени од виорот“
Познатата изрека на Скарлет О’Хара во „Однесени од виорот“ звучи вака:
„После сè, утре е нов ден.“
Овој цитат често се користи како израз за нови, свежи почетоци, но според книгата, се работи за сосема поинаков контекст. Скарлет, во последните реченици од книгата, вели:
„Ќе размислам за сето тоа утре, во Тара. Тогаш ќе можам да поднесам. Утре ќе смислам некој начин за да го вратам. После сè, утре е нов ден!“
Таа всушност мисли на тоа дека новиот ден ќе ѝ донесе нова можност да се обиде да ја врати изгубената љубов.
3. Шекспир – „Ричард Трети“
„Зимата сега на нашиот чемер.“
Ова е стих со кој започнува драмата и често се цитира во негативен контекст, односно за опис на лоши времиња. А, еве како изгледа со сите стихови кои формираат целина:
„Зимата сега на нашиот чемер
летото е сјајно од сонцето на Јорк
и облак муртав над дом што ни ездел
затонал в темни пазуви морски.“
Овој говор ја открива љубомората на Ричард за владеењето на неговиот брат. Ричард како лик е деформиран, грд, предвреме роден и не може да се перчи пред блудничките.
4. Јувенал – „Сатира 6“
Јувенал е римски поет кој е познат по своите сатири со кои ги критикува пороците и раскошот на жените. Најпознат цитат од шестата сатира е:
„А кој може да го чува чуварот?“
Оваа изрека денеска ја користат алудирајќи дека ништо не може да се скрие од државата. Имајќи предвид дека сатирата во неговите дела е доста површна и сексистичка, тој воопшто не се бунтува против политичките системи, туку ова се однесува на неговата увереност дека жените се неспособни да останат верни и лојални, дури и ако нивните мажи вработат чувар.
5. Џефри Чосер – „Кантербериски приказни“
Од генералниот пролог на делото потекнува познатата изрека:
„Парите се корен на сите зла.“
Цитатот е многу познат и многу употребуван, се разбира, сосема погрешно. Вистинскиот цитат гласи:
„Љубовта кон парите, таа е корен на сите зла.“
Значењето веднаш е друго, нели?
6. Луис Карол – „Алиса во земјата на чудата“
Кога Војвотката ќе рече:
„О, љубовта, љубовта го врти светот.“
Таа го мисли тоа саркастично и иронично. Луѓето често забораваат кој всушност го кажува овој цитат и погрешно го користат дури и во љубовни честитки.
7. Шекспир – „Веселите жени од Виндзор“
Кога Пистол му бара на Фалстаф пари, а тој не му дава, му вели:
„Тогаш светот за мене е школка и со меч морам да го отворам!“
Сепак, популарен е само првиот дел од цитатот, односно само:
„Светот за мене е школка.“
Луѓето го користат како опис за тоа дека имаат отворен и оптимистички став кон животот, а реалното значење е дека всушност Пистол не би бирал што ќе употреби за да дојде до пари, па макар било тоа и насилство.