Полицаец херој спречил над 200 обиди за самоубиство на мостот Голден Гејт
Кевин Бригс денес е познат и како „Чуварот на мостот Голден Гејт“. Во 1994-та година, Кевин станал сообраќаен полицаец во Калифорнија. Иако не се пријавил за неговата улога во спречување самоубиства, денес Кевин е познат по тоа што спречил над 200 луѓе да скокнат од познатиот мост.
Кога Кевин станал полицаец, мислел дека воглавно ќе се занимава со прекршоци во сообраќајот. Но како што минувало времето, тој сфатил колку всушност е голем проблемот со самоубиствата. Тогаш почнал да учи тактики со кои би ги спречил луѓето да извршат самоубиство.
„Имаше четири до шест луѓе кои сакаа да се самоубијат на мостот секој месец. Не знаев за ова, а пораснав во Марин Каунти, што се поврзува со Сан Франциско преку мостот Голден Гејт. Немав тренинг да се справам со вакви ситуации.“
За време на неговата прва средба со личност која сакала да се самоубие, Кевин направил сè што можел.
„Си мислев: ‘Дали сум јас одговорен ако таа скокне? Што се случува овде? Немам тренинг за ова. Ова е навистина лоша сцена…’ Ми беше страв. Не знаев како да се справам со ситуацијата. Мислам дека мојот пристап беше погрешен уште на почетокот. Само да отидам до личност и да почнам да зборувам со неа. Сега само стојам назад и се претставувам. Ќе кажам: ‘Здраво, јас сум Кевин, дали е во ред да дојдам и поразговарам со тебе?’ Сакам да ја добијам нивната дозвола и да ги охрабрам.“
Една од личностите кои биле спасени од Кевин е Кевин Бертија. Младиот татко бил заглавен во медицински долгови и сметал дека повеќе не може да издржи.
„Не сакаше да има ништо со мене. Продолжи да ми вика: ‘Стој таму! Стој таму, ако дојдеш еден чекор поблиску ќе скокнам!’ И беше навистина сериозен за ова. Во мојот ум, ако дадев само уште еден чекор, повеќе ќе го немаше.“
Двајцата разговарале за проблемите на Бертија над 90 минути. По некое време, Бертија сепак решил да се симне од мостот. Бригс му помогнал, а потоа и му честитал.
„Го прашав ‘Што се случи овде? Која беше пресвртната точка? Што направив за да помогнам? И што направив што не беше добро за ситуацијата?’ Сè што ми кажа беше: ‘Слушаше. Ми дозволи да зборувам и слушаше.’ И тоа беше сè што барал и тоа е што многумина го бараат, некој да слуша.“
Според Кевин, повеќето луѓе кои размислуваат за самоубиство не сакаат да слушнат работи како: „Ќе го надминеш тоа“. Наместо тоа, тие сакаат потврда како: „Да, тешко е.“
„Се обидувам да им објаснам и да ја нормализирам нивната ситуација. Тоа е навистина големо, да се обидете да ја нормализирате ситуацијата. Им велам: ‘Она низ коешто минуваш е многу и ќе му биде тешко на секого. Мислам дека секој кој би минувал низ сето тоа би помислил на самоубиство.’ Потребна е многу храброст да бидат преку таа ограда. Потребна е многу храброст. Но исто така потребна е многу храброст да се вратат и да се соочат реалноста што е сега со нив. Но, има посветла страна на сето ова и може да се случи, и може да треба многу време и многу работа. Но животот е убав и знаете, вреди да се живее.“
На крајот од денот, она што им е потребно на луѓето е некој којшто само ќе ги слуша. Кога ќе ги вокализираат нивните внатрешни емоции и ќе се чувствуваат поддржано, можно е да им се разјасни ситуацијата која моментално ги парализира. Кевин се пензионирал од сообраќајната полиција во 2013-та година и денес работи во спречување на самоубиства.
Доколку и вие се соочувате со самоубиствени мисли, не плашете се да побарате помош и погледнете зошто треба да одберете живот наместо смрт.