Плажата Лимнионас на Закинтос
Лимнионас е едно од најпријатните места за капење на Закинтос. Иако се нарекува плажа, во основа се работи за тесен, карпест залив до кој се пристапува по природните скалила…
Лимнионас се наоѓа на западната страна од прекрасниот Закинтос, на само 7 километри оддалеченост од Агиос Леон. Се работи за навистина пријатно изненадување за сите оние што сакаат да поминат малку потивок ден, далеку од најпопуларните плажи преполни со туристи.
До малото заливче сместено помеѓу високите карпи може да се пристапи единствено симнувајќи се по природните скалила оформени во карпестиот предел. Откако ќе се симнете, ќе можете да се сместите на една од рамните карпести плочи непосредно до водата, бидејќи не постои песочен дел во заливот. Но, Лимнионас сепак вреди да се посети заради можностите за пливање и нуркање.
Водата во Лимнионас е малку постудена и идеална за разладување, поради уникатната комбинација на морските струи и подводните извори. Таму ќе можете да уживате во нуркање и истражување на подводниот пејзаж и десетиците поголеми и помали пештери во заливот (бидете внимателни и не влегувајте премногу длабоко, затоа што постојат и скриени опасности во пештерите).
Ако се изморите од активностите во вода, можете да ја искористите и единствената таверна која се наоѓа во близината за да ги искусите уникатните вкусови на храната на Закинтос, која главно се состои од свежи морски плодови.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.