Писмото со кое една жена открива кој бил нејзиниот таен обожавател

Писмото со кое една жена открива кој бил нејзиниот таен обожавател

Една жена уште кога била девојче почнала да добива по една гарденија за секој свој роденден. Испраќачот останал анонимен, но таа по десетина години открила кој бил тоа…

Писмото со кое една жена открива кој бил нејзиниот таен обожавател

„Откако наполнив 12 години, секоја година на мојот роденден анонимно ми беше доставувана по една бела гарденија. Никогаш немаше картичка или порака, а телефонските повици до цвеќарот беа залудни затоа што секогаш било плаќано во кеш. По некое време престанав да го барам идентитетот на испраќачот. Само се восхитував на убавината и прекрасниот мирис на тој магичен и совршен бел цвет сместен во розова хартија.

Но, никогаш не престанав да го замислувам испраќачот. Некои од моите најсреќни моменти ги поминав мечтаејќи за некој прекрасен и возбудлив, но премногу срамежлив и ексцентричен за да се претстави. Во тинејџерските години ми беше забавно да мислам дека тоа е некое момче кое ми се допаѓа или некој кого не го знам, но ме забележал.

Мајка ми честопати придонесуваше за моите мечтаења. Ме прашуваше дали тоа е некој за кого сум направила некаква добрина штом анонимно ми покажува таква почит. Ме потсетуваше на времињата кога се возев со велосипед, а сосетката пристигнуваше со автомобил полн со намирници и деца. Секогаш ѝ помагав да го растовари автомобилот и ги пазев децата да не претрчаат сами преку улицата. Или можеби тајниот испраќач беше старецот кој живееше од другата страна на улицата. Често му ја прибирав поштата во зима за да не мора да чекори по мразот.

Мајка ми правеше сè што може за да ја поттикне мојата фантазија во врска со гарденијата. Сакаше нејзините деца да бидат креативни. Исто така сакаше да се чувствуваме пожелно и сакано, не само од неа, туку од целиот свет.

Кога имав 17 години едно момче ми го скрши срцето. Ноќта кога ми се јави за последен пат плачев сè додека не заспав. Кога се разбудив следното утро, на огледалото со црвен кармин стоеше порака: ‘Искрено знај дека кога полубоговите ќе си заминат, боговите доаѓаат’. Долго време мислев на тој цитат од Емерсон и го оставив така како што го напишала мајка ми сè додека срцето не ми оздрави. Кога конечно решив да го исчистам огледалото мајка ми знаеше дека сè е во ред.

Но имаше и некои болки кои мајка ми не можеше да ми ги излечи. Една недела пред да матурирам татко ми ненадејно почина од срцев удар. Моите чувства варираа од тага до чувство на напуштеност, страв, недоверба и голем гнев затоа што татко ми пропушташе некои од најважните настани во мојот живот. Станав сосема незаинтересирана за матурата која наближуваше и разните настани околу тоа. Дури размислував да останам дома за да одам на факултет, а не да се преселам како што планирав затоа што така се чувствував побезбедно.

Мајка ми, додека беше ожалостена, не сакаше да пропуштам ништо од ова. Дента пред да почине татко ми, јас и таа бевме на шопинг за матурски фустан и најдовме еден прекрасен со црвено, сино и бело. Кога го носев се чувствував како Скарлет О’Хара. Но, не беше мој број и утредента кога татко ми почина веќе не се грижев за фустанот.

Но, мајка ми се грижеше. Дента пред матурата го најдов фустанот како ме чека, во вистинската големина. Беше величествено постелен на каучот во дневната, така уметнички и љубезно претставен. Можеби јас не се грижев за новиот фустан, но мајка ми се грижеше.

Таа се грижеше како се чувствуваат нејзините деца. Нè исполнуваше со чувство на магија околу нас и ни даде способност да гледаме убавина и во лошите моменти.

Всушност, мајка ни сакаше да се гледаме себеси како гарденијата – убави, силни, совршени, со аура на магија и можеби малку мистерија.

Мајка ми почина кога имав 22 години, само десет дена откако се омажив. Од таа година гардениите престанаа да пристигаат.“

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар