Писмото од еден дедо кое го освои светот

Писмото од еден дедо кое го освои светот

Џејмс К. Фланаган, писател од Њујорк, им оставил на своите внуци трогателно писмо во кое нанижал неколку важни совети до кои дошол во текот на неговото долго животно искуство. Најмладиот внук на овој дедо има 5, а најстариот 11 години, но советите се однесуваат на целиот живот. Дедото за жал ненадејно починал од срцев удар, а писмото било објавено со дозвола од неговата ќерка Рејчел Креигтон. Брзо потоа писмото одекна на социјалните мрежи и го освои светот…

pismoto-od-eden-dedo-koe-go-osvoi-svetot-kafepauza.mk

Драги Рајан, Конор, Брендон, Чарли и Мери Кетрин, мојата драга и мудра ќерка Рејчел побара од мене да напишам неколку совети за вас, оние кои ги имам научено во животот.



Го почнувам ова писмо на 8 април 2012 година, точно на мојот 72-ри роденден.

 

1. Секој од вас е најубавиот дар од Бога за вашето семејство и за целиот свет. Секогаш потсетувајте се на тоа, особено кога се сомневате во себе и кога сте обесхрабрени.

2. Не плашете се од никого и од ништо и живејте со полни гради. Следете ги своите желби и надежи без разлика на тоа колку се тешки и колку се разликуваат од туѓите. Луѓето најчесто не го прават тоа што сакаат или што би требало бидејќи постојано размислуваат што ќе мислат или ќе речат другите. И запаметете уште една важна работа – луѓето кои нема да ви донесат супа кога сте болни или ако не се покрај вас кога сте во неволја, не се битни!

3. Сите ние сме сосема обични луѓе. Некои носат прескапа облека или имаат големи титули или моќ и мислат дека се над сите останати, но тие не се толку моќни колку што изгледаат. Тие ги имаат истите сомнежи, стравови и надежи, јадат, пијат, спијат и прдат, како и целиот нормален свет.

4. Кога ќе пораснете и ќе имате деца, секогаш имајте на ум на старата ирска изрека: Фалете ги децата и тие ќе цветаат!

5. Бидете добри и секогаш помагајте им на луѓето – посебно на послабите, оние кои се уплашени и на децата. Сите тие носат некоја тага во себе и потребно им е вашето сочувство.

6. Немојте да се приклучувате на војската или на какви било друга организација која ќе ве тренира да убивате. Војната е зло. Сите војни ги имаат започнато стари луѓе кои прелажале млади момци да мразат и да се убиваат еден со друг. Старците преживуваат и како што ја започнале војната со пенкало и хартија, така и ја завршуваат.

7. Читајте книги колку што можете. Тие се преубав извор на уживање, мудрост и инспирација.

8. Секогаш бидете искрени.

9. Патувајте секогаш кога ќе имате можност, посебно додека сте млади. Не чекајте да имате доволно пари или додека не се склопат сите коцки. Тоа никогаш, значи никогаш, не се случува.

10. Изберете работа или професија која ќе ја сакате. Секако, ќе има тешки моменти, но работата мора да ви биде уживање.

11. Не викајте! Тоа никогаш не успева, а ве повредува и вас и другите. Секој пат кога сум викал, сум доживувал неуспех.

12. Секогаш исполнувајте им ги ветувањата кои сте им ги дале на децата. Не велете „ќе видиме“ ако знаете дека одговорот ќе биде „не“. Децата ја очекуваат вистината, дајте им ја со љубов и добрина.

13. Никогаш не кажувајте му на некого дека го сакате доколку не е така.

14. Живејте во хармонија со природата: излегувајте надвор, видете ја шумата, планините, морињата, пустините. Тоа е многу важно за душата.

15. Прегрнувајте ги луѓето кои ги сакате. Кажете им колку ви значат сега, не чекајте да биде предоцна.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар