Овој грчки остров ќе ви плаќа 500 евра месечно, само треба да се преселите таму!
Повеќето од нас сонуваат да ја напуштат работата и да се преселат на некој живописен остров. Ако и вие сте едни од овие луѓе, тогаш имаме одлични новости за вас! Островот Антикитера (анг. Antikythera) е во потрага по нови жители и толку очајно се труди да ја зголеми популацијата, што дури нуди парче земја за оние што ќе се преселат таму и месечен надомест од 500 евра.
Самиот остров е сместен помеѓу Крит и Китхира, на 45-минутен авионски лет од Атина, и е дом на само 24 жители, што не е ни чудо што бараат да се зголеми популацијата. Тие се надеваат дека ќе го вратат поранешниот сјај на островот, кој некогаш бил дома на 300 жители. Со текот на годините овие бројки се намалиле, бидејќи помладите жители заминале во потрга по работа на копно.
Секако постои и услов. Месечниот надомест е поддржан и се остварува преку локалната православна грчка црква, која се грижи само за младите семејства. Со нудење на месечен, паричен надомест, црквата се надева дека ќе привлече доволен број луѓе за да може да се задржи популацијата на Антикитера.
Новите жители ќе добијат и парцела која можат да ја искористат за изградба на дом или бизнис.
„Бараме семејства што ќе го ‘оживеат’ нашиот остров“, изјави градоначалникот на Антикитера, Андреас Хархалакис.
Ако вие и вашето семејство сте спремни за ваков потфат, треба да знаете дека овој остров е многу далеку, нема банкомати или банка и има само една продавница (но не грижете се, има вино!).
Но, не е сè толку страшно. Островот има електрична енергија како и Интернет. Има и многу работа за рибари, пекари и градители. Доколку сакате вашето семејство или пријателите да го посетат ова место, има и Аирбнб за изнајмување.
Да не заборавиме да спомнеме дека овој остров е исполнет со рустична архитектура и е опколен со прекрасни песочни плажи. Верувале или не, ова не се празни ветувања – веќе 4 семејства се прифатени.
Па, доколку сакате и вие да живеете на прекрасен остров и да бидете платени за тоа, соберете ги најсаканите и аплицирајте на веб-сајтот на Антикитера што е можно побргу.
Прочитајте и за овој грчки остров на којшто жените се главни.
Автор: Ана Патриклиева