„Ова личи на крај“ – извонредно интересен роман од Џулијан Барнс
Животот носи изненадувања до самиот крај. Колку и да мислиме дека во поодминатите години работите се попредвидливи, дека нашите сеќавања се точни, дека малку нешта можат да нè изненадат, овој роман ќе ни покаже и една друга перспектива. Независно од годините, љубопитноста, надежта и желбата за вистината ни се подеднакво важни, а потребно е само нешто да нè испровоцира.
„Ова личи на крај“ е неверојатно интересна и возбудлива приказна во издание на Издавачки Центар ТРИ, за еден средовечен маж кој се труди да се помири со минатото за кое долго одбивал да размислува. Антониј Вебстер е убеден дека ги оставил спомените зад себе додека макотрпно ја градел својата иднина, но со годините, бракот му се распаѓа, семејството се растура, кариерата му завршува, па разведениот пензионер старее сам.
Иако е напишан во форма на сеќавања, ова е исклучително жив, актуелен и современ роман што начнува длабоки теми со кои сите ние се соочуваме во различни фази од животот, но кои некогаш ги избегнуваме или игнорираме, а ако смогнеме храброст можеме да ги надминеме. Главниот лик се сеќава на средношколските денови, на најдобрите другари, на нештата и ставовите кои во тоа време ги преокупирале, на љубовта, сексот и разочарувањата кои се неодминлив дел за тој период од животот. За предизвиците, другарството, лојалноста и моралот, кои во младоста особено ги предимензионираме и им придаваме преголемо значење, а кои ни предизвикуваат различни чувства.
Токму во осаменоста на пензионерските денови, разочаран од просечноста на својот живот, Антониј наследува мистериозен спомен од минатото што го присилува секојдневно да размислува за сѐ што било и што не било, за нештата што мислел дека ги разбира. Тогаш е принуден одново да ги разгледа случките и луѓето од минатото и да размислува за својот нарав и за своето место во светот.
„Ова личи на крај“ од Џулијан Барнс е роман за сите генерации! Еден од оние романи што се читаат во еден здив, полн со извонредна психолошка и емоционална длабочина и софистицираност.
Интересен до самиот крај, непредвидлив и генијален, текст кој ќе ни покаже дека нашата перцепција за себе, за она што сме и за она што сме го правеле може да ни се смени и по многу години. Интелигенцијата се развива до 20-тата година од животот, а наравот, карактерот се формира до 30-тата, и тоа се двигателите низ животниот процес, додека сеќавањата под влијание на новите факти и информации се нешто што може да се смени по многу години. Историјата ја пишуваат лагите на победниците или заблудите на поразените. А за вистината треба многу факти, размислувања и прецизно изнесени податоци. Текстот напишан во афект може да предизвика немир, но човечката постапка може да предизвика разочарување и уште поголем немир. Каењето не може ништо да промени, туку само да остави горчина во душата. Сите овие мисли поминуваат низ главата на главниот лик, а неговите сеќавања се менуваат изненадувајќи го и самиот себе.
Ова несомнено е роман што треба да се има во личната библиотека и што треба да се препрочитува по извесно време.
Џулијан Барнс е британски автор на десет романи и добитник на многу престижни награди и признанија, вклучувајќи ја и Букерова награда за најдобар роман за 2011 година што му ја донесе токму романот „Ова личи на крај“. За своите претходни дела – „Папагалот на Флобер“ и „Расправа во тројка“, Барнс се стекна и со две високи француски признанијa, наградите Фемина и Медиси, а беше прогласен и за Командант на францускиот Орден за уметност и литература.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.