Освежете го изгледот на платнените патики со помош на водени боички
Доколку понекогаш ви недостасуваат безгрижните училишни денови, а посебно часовите по ликовно, кога можевте да ја покажете својата креативност играјќи си со водените боички, сега ви предложуваме одличен начин да се забавувате. Но, овој пат нема да цртате на листови од блок број 5, туку по вашите бели платнени патики!
Наместо бели и понекогаш досадни патики, на овој начин ќе добиете уникатни, весели и занимливи обувки, а ние ќе ви покажеме на кој начин да го направите тоа.
Потребен материјал:
- 1. Бели (или во која било друга светла боја) платнени патики
- 2. Водени боички
- 3. Два сада со вода
- 4. Неколку четки
- 5. Зацврстувач за боја
Упатство:
Помешајте неколку бои со вода и испробајте ги на хартија за да видите дали сте ја добиле посакуваната нијанса. Ако сакате, можете да додадете и боја со металик ефект. Кога ќе бидете задоволни со изборот на бојата, почнете да боите по патиките. Со подебела четка бојте ги поголемите делови, а за посебните детали користете потенка четка. Не постои правилен начин на боење. Препуштете се на својата креативност. Промешајте четвртина од заврстувачот за боја со три четвртини вода и поминете преку патиките, за бојата што повеќе да се задржи на ткаенината.
Веќе спомнавме дека пред нанесувањето на бојата на патиките, потребно е да ја тестирате нијансата на парче хартија. Материјалите слично реагираат, па со самото тоа ќе имате реална слика како ќе изгледа крајниот ефект. Доколку не сакате да ги боите и врвките, извадете ги пред да почнете со боење. Откако ќе се исушат патиките, слободно можете да се прошетате со нив.
Како што можете да видите, на многу брз и лесен начин можете да имате патики какви што нема никој. Дочекајте ја пролетта во весели бои!