Охридскиот бисер – наше културно богатство, надалеку познато
Автор: Цветанка Арнаудова
Лулка на христијанството, некогаш Самоилова престолнина, возвишен заради непроценливото богатство во многубројните христијански храмови благодарение на мајсторите на охридската сликарска школа од XIV век, и она во Галеријата на икони, привлечен и поради пејзажот од кој запира здивот, Охрид е далеку прочуен и по охридскиот бисер.
Природните бисери траат 150 години, но охридскиот бисер трае вечно. Низ охридската чаршија и денес ќе чуете разни приказни за тоа како настанал oхридскиот бисер. Но начинот на кој се изработува е тајна која што се чува скоро еден век. Пренесувана од поколение на поколение, од татко на син, денес ако сакате да видите вистински охридски бисер треба да ги посетите дуќаните на Филеви и Талеви. Тие ја негуваат оваа традиција повеќе од 80 години.
Легендата за охридскиот бисер:
Во далечната 1924 година Михајло Филев сопственик на ресторанот по име Голема Србија, сретнал во ресторанот несекојдневен гостин, емигрант од Русија. Престојувајќи подолго време во Охрид тој се спријателил со Михајло Филев. Шетајќи по брегот на Охридското Езеро и разговарајќи на различни животни теми, еден ден виделе рибар кој носел мрежа со плашица, ендемичен вид риба кој и денес живее во езерото. Кога Русинот ја видел рибата, сфатил дека овде е правото место да ја открие тајната која ја носел со себе од Русија, од Бајкалското езеро. И така во знак на пријателство и благодарност за гостопримството, тајната за изработката на охридскиот бисер му била откриена на Михајло Филев.
Она што е познато е дека изработката се темели на рачно производство. Основата на бисерот е школка, т.е. срцевината на школката која се гребе и од неа се изработуваат најразлични форми и најразлични големини. Потоа се земаат крлушките на рибата плашица, и од нив се прави емулзија која се нанесува врз основата. Емулзијата е најспецифичниот дел од изработката на бисерот. И начинот на кој таа се изработува е семејна тајна. Емулзијата се нанесува со четка од природен материјал, најчесто од влакна од опашката на верверица или коњ. Секој бисер се мачка пет до шест пати, а од едно до друго мачкање треба да поминат најмалку 45 минути до еден час, за добро да се исушат. Талев вели дека не е препорачливо бисерите да се нижат истиот ден кога се направени, туку е најдобро тоа да се прави следниот ден.
Но не отсекогаш бисерите се викале охридски. Тоа име го добиле во 1935 година. Трговците од Битола и од Скопје, кои најмногу купувале, кажувале дека одат во Охрид по бисер, да купат бисер во Охрид и така го добиле сегашното име.
Талеви се особено горди што англиската кралица Елизабета II ги носи охридските бисери специјално изработени токму во нивната работилница. Во 2001 година, на саемот за иновации и рачна изработка „Еурека“ во Брисел, освоиле златен медал за рачна изработка на бисер во конкуренција со над 45 рачни изработки од целиот свет.
Филеви пак можат да се пофалат со бисери изработени за шведската кралица Силвија, украинската пејачка Руслана и нашата музичка икона Каролина. И секако, доколку се решите да си го дозволите ова задоволство, да ве краси вистински охридски бисер, во зависност од големината треба да бидете спремни да потрошите од 60 евра па нагоре.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
прекрасна приказна за Охридскиот Бисер = лагодарам Цветанка . . .
и . . . еден видео прилог = како Хрватите (ИнМагазин) ја глдаат изработката на Охридскиот Бисер = http://www.youtube.com/watch?v=H3-AyXGwkPs