Од рибарско село до метропола на иднината: Добре дојдовте во најбезбедниот град на светот
Замислете ја глетката од неверојатни, футуристички згради кои се толку иновативни што попрво наликуваат на уметнички дела, како и пејзажот кој го спојува традиционалното со модерното. Добре дојдовте во Доха, еден од најмодерните и највозбудливите градови не само на Блискиот Исток туку и во целиот свет воопшто. Покрај тоа, оваа година Доха ќе биде и домаќин на Светското првенство во фудбал.
Ќе се согласите дека Доха е величествен град. Се издигна од пустината со помош на иновации и страста за технологија и напредок. Резултатот е брза трансформација од рибарско село во една од најважните и најдинамичните дестинации на Блискиот Исток. Главниот град на Катар е седиште на многубројни компании вредни милијарди долари, но и гламурозни трговски центри каде наместо да пешачите, можете да уживате во пазарувањето со приватен возач и автомобил. Една од препознатливите особености на овој необичен град е и неговиот космополитски дух.
Историја на Доха
Со векови Доха било рибарско село познато по трговијата со бисери. Неговите нуркачи се карактеризирале со посебни вештини да ги пронајдат најголемите и најсовршено обликуваните бисери, а селото (познато под името Ал Бида) било познато и како рибарско пристаниште, меѓу другото. Со богатството стекнато од трговијата со нафта во 20 век, Доха за кратко време се претворил во еден од клучните трговски центри за целиот регион. Денес, градот е економски центар на Катар и средиште на финансиите на Блискиот Исток.
Од каде потекнува името „Доха“?
Зборот „Доха“ или „Ад-Давха“ на арапски буквално се преведува како прекрасно, магично дрво. Меѓутоа во одредени дијалекти, терминот потекнува од зборот „Давх“ кој се користи за означување тркалезни форми вклучувајќи го и заливот кој го опкружува градот.
Кога да ја посетите Доха?
Катар има пустинска клима и поради тоа сите згради во Катар се климатизирани. Јануари, февруари и март се одликуваат со пријатна температура од околу 22 до 27 степени целзиусови, а во ноември и декември температурата е исто така поволна и изнесува околу 20 степени. Во текот на летните месеци, температурата достигнува и до 40 степени целзиусови, а живата може да се искачи и до 50 степени, особено во јули и август. Доколку претпочитате пониски температури, можете да го посетите градот за време на зимата. Немојте да се изненадите ако почувствувате студен воздух на отворено бидејќи во Доха на многу места има климатизација на отворен простор. Самите жители на Доха пак, не ја исклучуваат климата во автомобилите дури и кога одат на пазарување.
Откако ги прочитавте занимливостите за Доха, можеби ќе сакате да прочитате и за инспирацијата за Националниот музеј на Катар.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Добредојдовте се пишува заедно. Поздрав.
Почитувани, според Правописот на македонскиот литературен јазик, поздравите што содржат два или повеќе зборови, се пишуваат разделено.