Од каде потекнуваат нашите стравови и фобии?
Милиони индивидуи искусуваат високи нивоа на анксиозност под влијание на фобиите и стравовите кои најчесто се главниот причинител за сите напади на паника. Постојат различни типови фобии кои вклучуваат страв од: Животни (каде змиите и пајаците се најчести), природната околина (како стравот од висини или бури), крв, инјекции и повреди (како страв од рани) и други просторно – временски ситуации (како што се летањето со авион или возењето со лифт).
Меѓутоа, кој е виновен за нашите стравови? Дали сме осудени да се плашиме од одредени работи врз основа на гените кои ги наследуваме или од искуствата низ кои поминуваме? Според последните истражувања, генетските разлики кај индивидуите имале голем ефект врз развивањето на фобиите. На пример, генетската варијација била пресудна за појавата на страв од животни кај 45% од испитаниците, а стравот од крв и повреди кај 41% процент.
Додека овие бројки се значајни, тие исто така откриваат и дека постојат ефекти кои не се поврзани со генетиката, но кои можат да ги објаснат повеќето разлики во фобиите и стравовите. Конкретно, истражувачите откриле дека личните искуства се едни од најсилните фактори кои придонесуваат за појавата на фобиите, како на пример стравот од кучиња или стравот од громови. Врз основа на податоците, се заклучило дека и природата и околината играат голема улога во развивањето на стравот, каде околината има малку поголема важност.
Истражувачите истакнуваат дека приказната сепак е малку покомплицирана од дихотомијата на „природата против околината“. Тие посочуваат дека луѓето имаат различни реакции во нивниот одговор на страшните настани, каде некои развиваат силни фобии додека други поминуваат сосема нормално, без никакви абнормални стравови. Родителите често забележуваат разлики кај нивните деца кои во просек делат 50% од нивната генетски информации (освен ако не се идентични близнаци). На пример, едно дете може да развие страв од качување на столици ако претходно паднало еднаш, додека неговата сестра или брат ќе продолжат да се качуваат на столицата независно колку пати претходно паднале.
Така, дури и очигледните објаснувања за стравовите и фобиите на луѓето можеби не се толку точни, или барем не се целосни. Можеби стравот на една личност може да се објасни како последица на некое страшно искуство или траума низ кое таа поминала како дете, но, постои шанса да не успееме да сфатиме дека таквото искуство било засилено од тенденцијата на таа личност да развива страв по такви или слични настани. Истражувачите велат дека таа тенденција е детерминирана, барем делумно, од нашите гени. Интересно, се согласувате?